Со концертни настапи се отвори новото онлајн радио „Стереолаб“

Пред повеќе стотици поддржувачи на независната музичка сцена и со куси концертни настапи на надоаѓачките музички бендови и на веќе докажани музичари и диџеи на 14 февруари се отвори новото онлајн радио „Стереолаб“ во КЦ Лабораториум.

Радиото го означи стартот пред два дена, со концертни настапи на осум македонски музички автори од поновата генерација Глигор Кондовски, Алембик, Јоана, Стој После!, Вагина Корпорејшн, Огнен Златанов, Светлост и Лепи Џони и диџеј сетови на М.И.К и Дарко Јорданов.

„Идејата и иницијативата за Стереолаб произлезе од Мирко Попов и КЦ Лабораториум. Беше неопходен нов градски електронски медиум со дефинирана и квалитетна музичка преференца, која на слушателите ќе им ги доближува современите развојни текови, пред се, од локалната, потоа и од светската сцена. Како долгогодишен радио водител, другар и соработник на Попов, во соработка со Лабораториум, ја продолживме и доразвивме оваа иницијатива на ново градско радио, кое почна да емитува програма од 14 февруари“, вели Дарко Јорданов, главен и одговорен уредник на „Стереолаб“.

фото: Дамјан Стојановски

„Стереолаб“ е нов македонски електронски медиум, кој ќе ја промовира современата култура, како двигател на нови идеи и квалитетен јавен простор за различни генерации граѓани. Радиото, се посочува дека во фокус ќе ја става домашната квалитетна авторска музичка продукција и сцена, а ќе негува и промовира тековни и веќе познати музички тенденции од целиот свет.

Онлајн радиото, се додава дека ќе нуди единствена програма, која ќе комуницира со различни генерации слушатели. Фокусот е на младата и средна генерација слушатели, а и авторите и водителите на различните музички емисии се од оваа возрасна група.

Во тоа се вклучени 15-тина музички соработници, од кои најголемиот дел се докажани и искусни радио водители, музичари, диџеи и издавачи на музика, помеѓу кои Марија Каева, Александар Гавровски, Дарко Јорданов, Александар Алексовски, Нино Наумов, Виолета Качакова, Божидар Јовановиќ, Ивана Драгшиќ, Илина Ангеловска, Виктор Рубен, Теа Шалдева, Елизабета Пољоска, Биљана Црвенковска, Дени Омерагиќ, Душко Јаневски, Божидар Видоески, Вангел Ноневски и други. Емисии ќе имаат и претставници на младата генерација музичари, помеѓу кои Марко Кочишки, Емир Јашаров, Андреја Салпе, Гола Планина Колектив.

Програмската шема на радиото се состои од дневна информативна програма „Разумен град“, која низ музика ќе промовира информации посветени на актуелните културни настани во градот и земјава и ќе има гостувања на граѓани, кои креираат и промовираат култура во различни јавни сфери поврзани со квалитетното живеење. Емисијата „Македонската топ листа“ пак ќе има за цел да го трасира патот за новите македонски таленти и да промовира нова, квалитетна и алтернативна домашна музика.

Најавена е и посебна емисија посветена на Мирко Попов, во која, водителите, негови блиски пријатели и соработници ќе споделуваат дел од нивната музичка приказна, влијание и музика, која Попов ја создаваше и почитуваше.

На „Стереолаб“ е најавена и програма на албански јазик, а во соработка со дел од амбасадите, најавени се и емисии на француски, германски и италијански јазик.

Попладневните и вечерни часови е најавено дека ќе бидат исполнети со авторски емисии, кои ќе третираат посебни музички стилови и емисии кои ќе третираат литература и книжевно издаваштвото, феминизам и родова еднаквост, екологија. Полноќните часови пак, се резервирани за музички листи изработени од соработниците на радиото, а во перспектива е и развој на емисија за класична музика.