Дванаесетото издание на Фестивалот на новиот германски филм официјално започнува вечерва во киното „Милениум“, каде ќе има проекција на филмот „Мед во главата“.
Фестивалот се одржува под мотото „Сакам филм“, а ќе бидат прикажани десет актуелни германски продукции во десет македонски града. Организатори се Амбасадата на Сојузна Република Германија и ПроКредит Банка.
Освен „Мед во главата“ на Тил Швајгер, кој со срдечност ја тематизира Алцхајмеровата болест и кој со преку 7 милиони гледачи беше најуспешниот филм во 2015 во Германија, во киното „Фросина“ од 6 до 9 октомври ќе бидат прикажани и различни комедии, драми, трилер и семејни филмови.
Публиката ќе може да ја погледне трилер-драмата поврзана со Берлин, „Викторија“, снимана во една единствена сцена. Меѓу другите, ќе биде прикажан политичкиот трилер „Лагите на победниците“ кој ја претставува моќта и беспомошноста на печатот, потоа филмот „Во лавиринтот на молчењето“ – опис на почетната приказна на процесите во Аушвиц од 1965 година, но и „Државата против Фриц Бауер“, кој беше награден за најдобар игран филм во 2015 година.
„Филмовите нудат можност, Германија своите култура, историја и општество да ги претстави на широка публика. Тие се случуваат во Германија, но пораките се универзални и разбирливи за сите гледачи. Се тематизираат разнообразни области на човековиот соживот, љубовта и проблемите во врските, семејството и пријателството, училиштето и пубертетот, староста, болеста и смртта“, соопштуваат организаторите на фестивалот.
Почеток на турнејата низ земјава почнува на 10 октомври во Куманово, а потоа следат и
Прилеп, Битола, Охрид, Велес, Кавадарци, Тетово, Струмица и Штип.