Стотици луѓе вчеравечер се собраа под широко отвореното небо над Куршумли ан за заедно да го затворат овогодишниот јубилеен петнаесетти фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“. Откако се доделија наградите, фестивалџиите ги „докопаа“ своите емоции низ времето со краткометражниот филм „Помеѓу нежноста и насилството“ и македонската премиера на филмот „Патување пеш“ од режисерката Тамара Котевска. Вечерта ја заокружи уникатен концерт со музика од филмот на Дуке Бојаџиев и неговиот ансамбл, изведба на Верица Недеска и диџеј сет на Гоце САФ.
Најдобрите документарци во пет категории се прогласија во 20 и 30 часот.
Наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм ја доби „Агент на среќата“ на Доротја Зурбо и Арун Бхатараи. Додека пак, посебно признание во оваа категорија доби филмот „Молкот на разумот“ на филмската авторка Кумјана Новакова.
„Баломанија“ на Сисел Морел Даргис ја доби наградата „Млад кромид“ од селекцијата „Нови автори“, а францускиот документарец „Диви“ на Леонор Мерсиер ја доби наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм.
За најдобар студентски документарен филм и добитник на наградата „Кокарче“ комисијата го одбра „Алое, фикус, авокадо и шест драцени“ на Марта Смеречинска. А, одлуката за Наградата за филм со најдобри етички идеи „падна“ на филмот „Кикс“ на Давид Микулан и Балин Ревез.
Исто така, награди добија и пет проекти во развој во рамки на индустрискиот сегмент МакеКоПроДокс форум. Проектот „Where I end and You begin“ ја доби наградата на „ДоксБарселона“, „Colors in my eye“ доби награда од „ДОК.фест Минхен“, „Breath under the sun“ освои награда од „Фипадоц“, проектот „Florence“ доби награда од Документарната асоцијација на Европа (ДАЕ), а „Moving Sisters“ доби награда од „Dysflims“.
„Насловите на проектите се на англиски јазик бидејќи тоа беше работен јазик на МакеКоПроДокс форумот“, информираат од фестивалот.
Нешто кратко по доделувањето на наградите, откако публиката здивна пред прагот на Куршумли ан и се дособра преполнувајќи го анот, се прикажа краткиот документарец „Помеѓу нежноста и насилството“ на Ширин Бахар Демирел. Преку копање низ стари семејни албуми, како што посочи и самата режисерка, снимателка, монтажерка и продуцентка на филмот, таа создала свој албум-колаж преку кој се чувствуваат и откриваат трауматичните, не толку пријатни сеќавања кои не се вклучени во сликите.
Веднаш потоа, публиката ја дочека македонската премиера на документарниот филм „Патување пеш“ на македонската режисерка Тамара Котевска. Неговото снимање траело две години на територија на повеќе од 10 земји низ кои патува Амал (Надеж), џиновска кукла висока 3,5 метри. Таа ја претставува вистинската Амал, деветгодишно девојче од Сирија кое само пребегува во Турција.
„Тоа е филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза. Раскажувајќи ја одисејата на Амал, преку два континента, ја пренесува судбината на бегалците низ цел свет“, посочуваат од „МакеДокс“.
Својата европска премиера филмот ја доживеа во конкуренција на најголемиот фестивал за човекови права „FIFDH“ во срцето на Женева, а светската премиера беше во Њујорк. Ова е втор долгометражен документарен филм на режисерката Тамара Котевска и следи по големиот успех на „Медена земја“ за кој доби три награди на филмскиот фестивал „Санденс“ во САД во 2019 година, а следната 2020 имаше две номинации за Оскар.
„Во филмот учествуваат и актерите Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија, кои ја делат истата судбина како огромен број бегалци кои изгубиле сè, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште“, дообјаснуваат организаторите на фестивалот.
По проекцијата филмската екипа со публиката ја сподели тешкотијата, но и значајноста на креирањето на едно вакво документарно дело.
Композиторот на филмската музика во „Патување пеш“, Дуке Бојаџиев, приреди уникатен концерт за присутните заедно со својот ансамбл свирејќи ја музиката од филмот во живо, а изведба имаше и Верица Недеска. Веднаш по него, пред платото застана диџеј Гоце и продолжи да ја забавува фестивалската публика која не се намали до самиот крај.
Дополнително, вчера филмска програма имаше и на Платото пред Музејот на Македонија, каде во 20 часот се прикажа „Мојата украдена планета“ на Фарахназ Шарифи. А, проекциите на краткиот филм „Помпеја“ на Марија Кастан де Мигуел и долгометражниот „Да славиме довека“ на Маја Доротеја Предолог кои поради технички проблеми не беа прикажани во средата, се одржаа од 22 и 30 часот.
Ангела Петкова