Со проекција на „НОСФЕРАТУ, СИМФОНИЈА НА СТРАВОТ“ (Nosferatu, eine Symphonie des Grauens / Nosferatu, a Symphony of the Gray), филм на Фридрих Вилхелм Мурнау (Friedrich Wilhelm Murnau) од 1922 година, во музичка придружба на Џијан Емин, во среда (31 август) во 20 часот во летното кино, Кинотека го започнува годинешното издание на Фестивалот на нем и класичен филм, кој ќе трае до 7 септември.
„Во 14 термини ќе презентираме: три филма на типичниот претставник на германскиот експресионизам Мурнау; два со Бастер Китон (Buster Keaton), „човекот со каменото лице што го засмејуваше светот“ од ерата на немиот филм; мини-циклус на Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder); по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал (Louis Malle) и Клод Соте (Claude Sautet),; како и домашното документарно наследство – ФИЛМСКИ НОВОСТИ (1945-1948). На 7 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч., на последната вечер на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМ И КЛАСИЧЕН ФИЛМ, во летното кино ќе бидат прикажани три етнолошки филмови во чест на проф. д-р Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање. Оваа проекција на филмовите РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ ВО ГЕВГЕЛИСКО, ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ и МАРИОВСКА СВАДБА е дел од проектот „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films) на Асоцијацијата на европски кинотеки (Association des Cinematheques Europeennes / ACE), со чија финансиска помош, истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани“, најавуваат од Кинотеката на Северна Македонија.
Освен НОСФЕРАТУ, на фестивалот ќе бидат прикажани и филмовите ФАУСТ (Faust / Faust) и ПАТУВАЊЕ ВО НОЌТА (Der Gang in die Nacht / Journey into the Night) на Мурнау
„Можеби ќе звучи како интересна паралела што актерот Вилхелм Дитерле, кој во филмот ФАУСТ го игра Валентин, братот на Гречен, во 30-те години од минатиот век емигрирал во САД и направил светска кариера како режисер и актер под името Вилијам Дитерле (William Dieterle). Во богатата кариера го режирал и ДУБРОВСКИ (1959; според истоимената новела на Александар С. Пушкин за руската варијанта на Робин Худ) под оригиналниот наслов ОДМАЗДНИКОТ (Il vendicatore / The Avenger) како копродукција помеѓу „Вардар филм – Скопје“ од Македонија и „Хеспериа филм – Рома“ од Италија. Во него, покрај актерите Џон Форсајт (за нашата публика најпознат по главната улога во некогаш мега-популарната ТВ серија „Династија“), Росана Скиафино, Пол Далке и Мерио Бернарди во главните улоги, играат и Илија Џувалековски, Драгомир Фелба, Дара Милошевиќ, Јован Јаниќиевиќ, Божидар Дрниќ, а во екипата на филмот учествувале и Ацо Петровски како директор на филмот, костимографката Мира Глишиќ, асистентите на режија Александар Ѓурчинов, Кочо Недков и Миомир Мики Стаменковиќ, потоа асистент снимател Љубе Петковски, асистент на сценографија Диме Шумка и организаторот на снимање Ристо Теофиловски-Риџвеј“, додаваат од Кинотеката.
Фестивалот е во организација на Кинотеката и Кино – Балкан. Повеќе информации, како и Каталогот за второто издание на Фестивалот може да најдете на следниов ЛИНК.