Законот за локална самоуправа ќе се менува, а главна иницијатива за негово отворање е можноста за отповикување градоначалник, со цел да се зголеми транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи. Исто така, да се воведе и комунален надзор под ингеренции на општините, без можност тој да функционира по принципот „сакаме или не сакаме“, туку како задолжителна обврска.
Битола денеска беше домаќин на првата консултативна средба за најавените измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа, организирана од Министерството за локална самоуправа заедно со градоначалници, експерти и претставници на граѓанскиот сектор.
Според ресорниот министер Златко Перински, причините поради кои ќе отвора Законот се идентификуваните слабости по неговата 20-годишна примена.
„Се работи за системски закон, за кој се потребни 2/3 во Собранието и секако Бадентер. Тој треба да се донесе врз основа на потребите на граѓаните, но секако и врз секојдневните предизвици со кои се соочуваат локалните самоуправи. Сфативме дека ова здраво законско решение треба да се модернизира според современите услови во кои живееме“, нагласи Перински.
Иницијативата за разрешување градоначалник во јавноста се споменува веќе подолго време. Минатата есен партијата ЛДП, која тогаш беше дел од коалицијата на властa, предложи ваков механизам, како што имаше во претходниот закон за локална самоуправа од 1995 до 2002, но не доби поддршка. Потоа, разрешување на градоначалник се најде во програмата на новата Влада, а во август скопските градоначалници по координативен состанок ја повикаа Данела Арсовска да даде оставка поради состојбите со хигиената и превозот, откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе се разгледа можноста за одземање на нејзините ингеренции. Последно, ЛДП во септември повторно предложи отповикување градоначалник преку референдум.
„Врз основа на највисоките стандарди на Советот на Европа, преку Венецијанската комисија, но и од претходното искуство што го имаме со начинот на отповик на градоначалниците, ќе се обидеме низ широк консултативен процес да изнајдеме оптимизирано законското решение. Да најдеме оптимизиран начин да се рефлектира довербата односно недовербата на градоначалниците, кој ќе гарантира дека во иднина тоа нема да биде предемет на злоупотреба“, рече Александар Спасеновски, член на експертскиот тим за законот.
Министерот Перински се осврна и на комуналниот надзор. Освен измени во Законот за локална самоуправа, тој треба да се доуреди и со Законот за комунални дејност, бидејќи таму е опишана целата материја.
„Комуналните редари ќе бидат облигаторна работа за Општините и ќе немаат можност за избор од типот – сакаме или не сакаме да ги интензивираме комуналните надзори […] Треба да се превенираaт девијантни појави на мала група на граѓани, кои, пред се’, несоодветно го депонираат и одлагаат отпадот, потоа несоодветно постапуваат со урбаната опрема, за која општините одвојуваат значаен буџет. Значи, сакаме да го коригираме тоа однесување и, пред се’, да го превенираме“, рече Перински.
За градоначалникот на Битола, Тони Коњановски нема сомнеж дека ова е важно, особено што општината се соочува со голем број проблеми.
„Ние уште со самото доаѓање се обидовме да ангажираме луѓе и за постоечкиот капацитет (на општината н.з.), но и надворешни за да направат ред. Околу пазарите, на улици за продавање земјоделски производи, за депонирање отпад итн. Навистина, тие (инспекторите и редарите н.з.) немаат ингеренции, па целата ситуација доживеа неуспех. Ние се трудиме со инспекторатот, но се соочуваме со проблем кога луѓето знаат дека нема да бидат казнети, или тешко се процесиура случајот“, посочи Коњановски.
Она што засега е нејасно како би функционирале овие служби и дали тие би се викале како и досега – комунални редари и инспектори, или пак комунални полицајци.
За комунална полиција, досега на повеќе наврати имаше заложби да се донесе прво на ниво на Скопје, но таа иницијатива остана само на хартија. Предложениот текст за закон за комунална полиција, изготвен во Инспекторатот на Град Скопје уште во 2018 година, заглави на линија Град Скопје-владини институции и по неуспешната партија пинг-понг, идејата остана да чека подобри времиња и политичка волја.
Како што пишуваше Радио МОФ, потребата за комунална полиција произлезе од тоа што е слаб капацитот на општинските редари и инспектори. Тие се малку, немаат опрема, буџет, коли, немаат ниту можност да легитимираат лице без присуство на полицаец. Лицето сторител не е должно да даде податоци, може едноставно да си замине. Оттука со ваквата апсурдна ситуација, многу лица остануваат неказнети, а инспекторите немаат волја да работат, не се мотивирани, но и се отвора простор за корупција. Затоа скоро сите општини со кои зборувавме беа „за“ комунална полиција, исто така и ЈП „Комунална хигиена“, но и голем број еко-активисти.
Вакви служби не се новост во Белград, Тирана или Подгорица, каде се основани преку разни закони и со наджености за отпад, сообраќај, градежништво, домување, па се’ до питачење и нарушување јавен ред и мир.
Локални полициски органи не се новост и низ други европски земји. Воопшто низ светот. Обично се финансирани од локалниот буџет и во одредени случаи имаат помалку овластувања од националната полиција. Најчесто се формираат токму за да се олесни работата на полицијата и да се помогне на локалните заедници. Во Германија има градска полиција, во Словачка и Турција општинска полиција, во Полска е местна стража, Словенија – градски контролори, а Литванија имаат Оддел за јавен ред.
Бојан Шашевски