Со низа активности кои се дел од прославата на Денот на Европа, вчера и официјално се отвори новата Европска куќа во Струга.
Настаните започнале со дебата насловена „Како да се вклучи, поврзе и унапреди локалната младина преку ‘Јуроп хаус’ Струга“. Во дебатата, како што велат од Европската куќа, учествуваа ученици од локалните средни училишта Ибрахим Темо, Нико Нестор и Јахја Кемал, а модератор беше Ана Наумоска, која заедно со амбасадорот Дејвид Гир ги воведе младите во дискусијата поврзана со можностите кои Европската куќа во Струга ќе ги понуди.
„По дебатата, амбасадорот Гир заедно со дел од присутните се упатија кон Музејот на природата ‘Др. Никола Незлобински’, каде беше откриен муралот ‘Симбиози’ на самата фасада на музејот. Овој мурал ја симболизира поврзаноста помеѓу човекот и природата и даде посебен акцент на одбележувањето на денот на биодиверзитетот. Активностите продолжија со вмрежување на граѓанскиот активизам од регионот во Кемпинг Скаут, локација која се наоѓа на самиот брег на Охридското Езеро и која е уредена со помош и средства на ЕУ. На настанот беа присутни претставници на здруженија и невладини организации, како и индивидуални уметници, активисти и локални претприемачи. Денот заврши со музички перформанс во просториите на ‘Јуроп хаус’ Струга, нудејќи пријатна атмосфера и можност за дополнително вмрежување и дружење“, велат од Европската куќа.
Европската куќа во Струга, како што се наведува, има за цел да ги обедини младите, да им помогне да разменат идеи и да ги унапредат своите вештини и иновативни размислувања. Овој простор, како што велат, ќе биде центар за младите во Струга и околината, нудејќи многу можности и претставувајќи го идеалното место за новата генерација.
Ова е шеста по ред Европска куќа низ Македонија, односно, европки куќи има во Скопје, Крива Паланка, Струмица и во Битола.