Премиерата на македонскиот долгометражен филм „Мими“ во режија на Даријан Пејовски ќе го отвори 21. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ што ќе започне на 7 јули (четврток).
„Под слоганот „Од високо подобро се гледа“ од 7 – 14 јули 2022, годинава фестивалот обединува повеќе од 50 филмови, а филмот „Мими“ кој е селектиран во SEE програмата ќе се натпреварува за една од наградите на ‘Синедејс’“, се вели во соопштението за фестивалот.
Во краткиот опис за филмот „Мими“ пишува: Мими ги напушта своите родители, и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството.
Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.
Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески стави свој потпис како кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска – костимограф, Ива Куробаса – шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ. Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и истиот е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.
Годинешниот „Синедејс“ ќе се одржи на кровот на ГТЦ, а како што најавуваат организаторите, има многу изненадувања од домашната кинематографија сместени во различни селекции, но и богата ОФФ програма поврзана со македонската филмска индустрија.