Со претставата „За домот се работи“, а потоа и концертот на најдобриот нов бенд од Сиетл „Лемоло“ во петокот беше затворено 39. издание на МОТ.
Во Универзалната сала беше одиграна последната, 17-тата претстава од програмата на 39-тото издание на МОТ „За домот се работи“, во продукција на Битолскиот Народен Театар. Претставата режирана од Мартин Кочовски ја покрива тематиката на македонското прашање (од турското ропство, кампањите за трето дете, па се до потчинетоста на „бунтовниците“).
Дури и присутните во Универзалната сала се чинеше дека може да бидат поделени во три големи групи – исплашените на кои им треба охрабрување гласно да си го кажат ставот, оние што веќе се претопиле во големата машинерија на пропагандата и една помала група посетители дојдени поради уметничката вредност на претставата. Темите кои ги обработуваше „За домот се работи“ се потпираат на важни историски настани погледнати од перспективата на Гаврило Принцип, Павел Шатев, Кемал Ататурк, па се до дедо Ное и неговите синови. Носечка идеја во претставата се моменталните проблеми на современите Македонци, зачинети со жесток пристап кон нив, гласно и јасно кажување на сопствените ставови од страна на актерите за кои лесно се забележуваше дека се лично засегнати од работите кои ги осудуваа. Ова всушност и охрабри голем дел од публиката да биде исто толку гласна, барем во аплаузот и овациите на крајот од претставата.
Во последниот монолог од претставата актерката ги „соголи“ своите ставови и чувства, воедно и својата облека за да покаже дека буквално, а и метафорично, се што и останало е нејзиното тело. На моменти, целиот тек на претставата изгледаше како збир на случајно одбрани приказни чии индивидуални филозофски вредности меѓусебно не се вклопуваат. Во суштинските моменти, кога се случуваа поединечните кулминации во секоја од сцените, обидот за нивно апстрактно надградување со премногу активности сепак го одвлекуваше вниманието од важните реплики.
И покрај тоа, целата екипа на „За домот се работи“ заслужува искрени пофалби за храброста и искреноста при коментирањето на многу од настаните во македонската историја. Одличната актерска игра, препознатлива за трупата на Народниот театар од Битола, која веќе ја познаваме од „Хамлет-машина“ изведена на минатогодишното издание на МОТ, покажа дека во земјава има уметници кои се конзистентни со својот квалитет и бестрашни во своето творештво.
Веднаш по последната претстава, во бифето на МКЦ, публиката имаше можност да го проследи настапот на Lemolo, најдобриот нов бенд од Сиетл со што и официјално заврши годинешното издание на МОТ.
Јована Ѓорѓиоска