Со проекција на „Носферату, симфонија на стравот“ на 31 август почнува Фестивалот на нем и класичен филм

Со проекција на филмот „Носферату, симфонија на стравот“ на Фридрих Вилхелм Мурнау од 1922 година, во музичка придружба на Џијан Емин, на 31 август (среда) во 20 часот во Кинотека почнува овогодишното издание на Фестивалот на нем и класичен филм.

Организаторите посочуваат дека второто издание на фестивалот ќе трае до 7 септември.

„Во 14 термини ќе презентираме: три филма на типичниот претставник на германскиот експресионизам Мурнау; два со Бастер Китон (Buster Keaton), ‘човекот со каменото лице што го засмејуваше светот’ од ерата на немиот филм; мини-циклус на Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder); по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал (Louis Malle) и Клод Соте (Claude Sautet),; како и домашното документарно наследство – Филмски новости (1945-1948)“, соопштија од Кинотека.

На последната вечер, на 7 септември во 20 часот во летното кино ќе бидат прикажани три етнолошки филмови во чест на професорката Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање.

„Оваа проекција на филмовите Русалиски обичаи во гевгелиско, Велигденски обичаи и Мариовска свадба е дел од проектот ‘Сезона на филмски класици’ (A Season Of Classic Films) на Асоцијацијата на европски кинотеки (Association des Cinematheques Europeennes / ACE), со чија финансиска помош, истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани“, додаваат од Кинотека.

Програмата на фестивалот, како и повеќе детали може да се најдат на следниов ЛИНК.