Веднаш да се престане со урбанизацијата и безмилосното уништување на парк-шумата Водно, побараа денеска неколку стотици граѓани кои излегоа на протестен марш за спас на Водно. Голем број граѓани, рекреативци, но и членови на планинарските друштва се собраа во подножјето на Водно, а потоа по патеките се искачија кон врвот за да укажат на опасноста од уништувањето на шумата со изградбата на ресторани, новата кула, елитните станови и паркинзи.
Од Иницијативниот одбор на групата „Спас за Водно“, кои се и организатори на протестот, истакнаа дека за граѓаните градежните работи се неприфатливи и побараа ако веќе мора да се гради, тоа да не го загрози зеленилото.
„Парк шумата на Водно постои да го заштити Скопје од загадување на воздухот, од високите температури. Им посочуваме на надлежните за Водно да ги запрат сите градежни активности кои се случуваат во моментот, за да го вратиме мирот и спокојот на планината“, изјави Југослава Дуковска од иницијативниот одбор за спас на Водно.
Со маршот беше истакната и потребата за дефинирање на границите на парк шумата на Водно, со што ова место би се ставило под заштита на државата за да престане, како што велат, неговата насилна урбанизација и уништување.
„Спас за Водно е неформална иницијатива на група граѓани на град Скопје, кои се загрижени од засиленото уништување на шумската вегетација во парк-шумата Водно, интензивните градежни активности на неколку пункта на падините на Водно, како и од најавите за нови идни проекти со кои ќе се изврши натамошно деградирање на природната средина на планината, која го штити главниот град од аеро-загадување, од поплави и од високи температури, што е посебно значајно во околности кога загадувањето на воздухот во Скопје и последиците од тоа загадување по здравјето на луѓето достигнуваат алармантни размери“, стои во повикот за Маршот.