Воена Академија „Генерал Михаило Апостолски“ работи на проект преку кој ќе се развива концепт за рано откривање на шумски пожари, кој во себе интегрира мрежа на сензори, камери и беспилотни летала (дронови) за собирање на податоци и изработка на анализи.
Сето ова ќе биде искористено да се подобри процентот на откривање на шумските пожари во области од особено значење, да ги следат области со висок индекс на можност за настанување на пожари и областите веќе погодени од шумски пожари, и да се предвиди однесувањето на шумски пожари.
Проектот се вика „Напредни системи за превенција и рано откривање на шумски пожари“, а предвидено е добиените информации од системот да се разменуваат помеѓу органите вклучени во системот за управување со кризи на сите нивоа.
„На тој начин да се подобрат механизмите за координација помеѓу локалните, регионалните и националните органи, подобри соработката помеѓу разните органи и релевантните чинители како што се академските институции, истражувачките институции и приватниот сектор како и побрзо донсевање на квалитетни одлуки за ангажирање на потребен број на луѓе и средства за гаснење на пожарите, следење на состојбите во просторите зафатени со пожар, со што ќе се обезбеди намалување на можните штети од шумските пожари, заштита на животната средина и заштита на ендемичната флората и фауната која постои во националните паркови“, соопштуваат од Националниот парк Пелистер.
Предвидено е системот за рана детекција на шумски пожари да ги поддржува отворените интерфејсови на постоечкиот информациски систем за кризен менаџмент (CMIS) во земјите учеснички во проектот и да се овозможи негова достапност за сите европски држави, како и на трети земји.
Крајни корисници на резултатите предвидено е да бидат Министерствата за земјоделие, шумарство и водостопанство и за животна средина, Центарот за управување со кризи и Националните паркови „Пелистер“ и „Маврово“.
Инаку, Воена Академијата „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје го работи проектот во соработка со „Hochschule Fulda University of Applied Sciences, Comicon Ltd. Bulgaria“, „InterConsult Bulgaria Ltd“ и „National Cluster for Intelligent Transport and Energy Systems (NCITES)“. Проектот е дел од Европската програма операции за цивилна заштита и хуманитарна помош.