На младите им се потребни подобри сексуално и репродуктивно здравство и права и пред сè, образование за овие теми, велат волонтерите на ХЕРА Млади, кои денес го одбележија денот на Визија 2020 (документ заложба на Меѓународната федерација за планирано родителство –IPPF), со организирање на јавен час по сеопфатно сексуално образование.
„Преку овој симболичен час сакаме уште еднаш да потенцираме колку малку информации има во македонското образование на тема сексуално и репродуктивно здравје. Она што го среќаваме, а не треба да го среќаваме, се митови и стереотипи, застарени информации и податоци, како и поттикнување на предрасуди. Крајно време е тоа да се промени“, вели Љупка Трајановска, врснички едукатор по сеопфатно сексуално образование на ХЕРА.
Сеопфатното сексуално образование, вели Јована Ананиевска, координатор на ХЕРА Млади, е програма препорачана од Собраниската комисија за еднакви можности, од академската јавност и граѓанскиот сектор, но сè уште не е поддржана од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование.
„Министерството не само што не се зазема за да ја унапредиме оваа програма, туку и дава аргументи против неа. Имаме зголемување на бројот на тинејџерски абортуси (во 2010 година биле 185, а во 2014 година тој број е зголемен на 217), имаме зголемена тенденција за пораст на кламидија и ХПВ, имаме зголемено насилство и силеџиство во училиштата врз младите кои имаат поразлична сексуална ориентација и родов идентитет. Овие факти не можеме да ги избегнеме. Потребата од сеопфатно сексуалнообразование е јасна“, смета Ананиевска.
Таа вели и дека е потребна образовна програма која ги опфаќа сите седум компоненти на сексуалното образование: род, сексуално и репродуктивно здравје, граѓански аспекти, задоволство, насилство, врски и односи и различност.
„Во учебниците можеме да увидиме дека се споменуваат некои од темите, повеќе од медицинскиот аспект отколку психолошкиот. Сексуалноста нема само една перспектива, има повеќе, и има повеќе влијанија на неа. Сексуалното образование единствено како сеопфатно може да направи унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје и намалување на насилството“, смета таа. Додава и дека ставот на Министерството е дека нема потреба од сеопфатно сексуално образование, и дека она што е образложено во учебниците е доволно.
ХЕРА засега одржува едукации за сеопфатно сексуално образование само во неколку средни училишта во Скопје.
„Јас претпочитам да си ја изберам улогата на млад човек кој сака во општеството и државата во која живее да има храброст, самодоверба и цврсто изграден став за темите коишто ме засегаат. Место да апстинираме, треба сите заедно да видиме колку од работите можеме да ги промениме“, вели Климентина Димовска, врснички едукатор за сеопфатно сексуално образование.
На јавниот час на кој „ученици“ беа познати личности од повеќе сфери на општеството, се зборуваше за сите седум компоненти на сексуалното образование. Предавањето беше интерактивно, а присутните ги споделија и своите знаења и размислувања за конкретни проблеми поврзани со сексуалноста и репродуктивното здравје.
Сеопфатното сексуално образование е посочено како едно од решенијата за предизвиците со зголемениот број на сексуално преносливи инфекции, насилството меѓу младите, насилството врз девојките и жените, насилството врз младите кои се ЛГБТ, непланираните бремености кај адолесцентите, за најниската стапка на употреба на модерна контрацепција во Европа, но и за највисоката перинатална смртност во Европа.
С.Т.