Кинотека ќе ја започне филмската програма за 2023 година со три филмски остварувања – „Снежана на крајот умира“, „Кајмак“ и „Од рајот“. На македонските филмски остварувања од 2022 им се придружува и „Од рајот“ – црната комедија на Срѓан Драгојевиќ, познат како режисер на „Парада“, „Ране“, „Ми нисмо анџели“.
На 4 и 5 јануари од 18 часот во Кинотеката ќе може да се проследи „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески. Актерската екипа во филмот ја сочинуваат Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски, Давид Јанакиев
„Седум луѓе живеат во време и простор кои се во конфликт со нивните вредности. Откако ќе ѝ вети на својата најдобра другарка, која е на смртна постела, дека ќе се грижи за нејзиниот син, Снежана станува ‘мајка’ на Боби, 20-годишен зависник од дрога. Маја е ‘волк самотник’, не комуницира ‘очи в очи’ со луѓе, а Игор е ‘риба надвор од вода’, има Аспергер синдром. Иако не би требало да имаат прилика да се сретнат, тие се сретнуваат и се вљубуваат. Никола, Горазд и Дејан се другари од детство, ‘маалска екипа’ која се мачи да се прилагоди на овој нов свет, дехуманизиран од виртуелната комуникација, релативизацијата на моралот и агресивната инвазија на политиката врз нивните животи’, гласи краткиот опис на филмот.
Со премиерата на „Снежана на крајот умира“ се затвори годинешното издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
На 4, 5, 9, 10 и 11 јануари, со почеток во 20 часот, посетителите во Кинотека ќе може да го погледнат „Кајмак“, најновиот филм на Милчо Манчевски. Во него играат актерите Ана Стојановска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Александар Микиќ, Сара Климоска и Филип Трајковиќ.
„Неконвенционална љубовна приказна, но и критика на нелибералното лицемерие, ‘Кајмак’, седмиот игран филм на Манчевски ја следи ситуацијата во две семејства. Едното се млада и добро ситуирана брачна двојка која се обидува да добие дете, а другото се нивните соседи, кои живеат во куќарка подеднакво шарамантно распадната како и нивниот брак. Првите својот проблем ќе се обидат да го решат со роднина од село која ќе се всели кај нив, а вторите со примање на продавачката на кајмак во нивната заедничка постела. И двете семејства си ја бараат среќата, секое на свој начин“, гласи краткиот опис на филмот.
На 9, 10 и 11 јануари со почеток од 17 часот во Кинотека ќе се прикажува филмот „Од рајот“ на Срѓан Драгојевиќ. Улогите ги толкуваат Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ, Бојан Навојец и Наташа Марковиќ.
„После половина век комунизам и атеизам, во ексјугословенското општество се враќа христијанството. Оваа филмска алегорија со елементи на црна комедија е инспирирана од трите приказни на францускиот писател Марсел Аиме. Приказните за влијанието на чудата врз посткомунистичкото општество во транзицискиот период се одвиваат во 1993, 2001 и 2026 година. ‘Од рајот’ е филм кој поставува бројни прашања, но не нуди едноставни одговори“, гласи краткиот опис на филмот.
„Од рајот“ премиерно беше прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што учествуваше на повеќе европски и балкански фестивали. Во август беше дел од официјалната програма на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.
По овој мини-вовед во кинотечната Нова година, од Кинотеката најавуваат „Кино утро“ со филмски наслови наменети за младата публика.