Во ЕУ Инфо центарот во Скопје вечерва ќе биде изведена студентската претстава „Хамлет, Кој?“ во рамки на одбележувањето на 450-годишнината од раѓањето на Вилијам Шекспир.
Претставата е во организација на Делегацијата на Европската Унија и Британскиот Совет, а како дел од серијата настани со насловена „ Шекспир „21 век“.
„Хамлет, Кој?“, ќе ја изведе неформалната театарска работилница „Шекспир и Ко.“ од катедрата за англиски јазик и литература при Филолошкиот факултет – Скопје. Група студенти, под менторство на професорката Рајна Кошка ќе изведат постмодерно читање на најпознатата претстава на Шекспир. Текстот на претставата е базиран на оригиналниот текст на шекспировиот Хамлет, како и на драмскиот текст на Том Стопард „Розенкрац и Гилдернстерн се мртви“ и на Хеинер Милер „Хамлетмашина“.
Настанот ќе биде придружуван и со изложбата „20 години Шекспир во училница и пошироко“, составена од фотографии од претставата и нејзината подготовка во текот на изминатите години. Активностите за одбележување на 450-годишнината од раѓањето на Шекспир ќе продолжат и утре со отворањето на натпреварот за најдобро едноминутно видео за Шекспир.
Натпреварот е отворен за сите кои сакаат да дадат свое толкување за Шекспир во една минута. Видеото може да биде инспирирано од Шекспир или од некое негово дело, сцена, целосна претстава.