Меѓународно признатата документарна драма „Седум“ ја започа својата Балканска турнеја со премиерната претстава која викендов се одигра во МКЦ – Кино Фросина во Скопје.
Во полната сала на киното, силните приказни на седумте женски ликови допреа до публиката, отворајќи ги прашањата за местото на жената во општеството, за еднаквоста и за рушењето на поставените бариери како во западниот свет, така и во државите во кои почитувањето на човековите права останува на маргините на опшеството.
„Седум” е моќна манифестација за демократски и човекови права, врз основа на приказни и судбини на седум жени, сите активисти за човекови. Претставата која беше обмислена како сценско читање на драмски текст на сцената ја донесоа пејачката Есма Реџепова-Теодосиевска, новинарката Аделина Марку, колумнистот Рамадан Рамадани, театарската режисерка Драгана Милошевска, новинарот Ахмет Ердем, писателката Сузана Гоцева и архитектот Крсте Џидров.
По завршувањето на драмата, дел од актерите-аматери говореа за своите лични искуства, но и за бариерите кои сеуште постојат во македонското општество.
„Прашањето на насилството врз жените е неприфатливо и се уште многу актуелно и контроверзно во многу земји, вклучувајќи ја и Македонија. Дури и во мојата земја, Шведска, ова е еден проблем кој бара долго време за надминување на табуата околу семејното насилство. Ние се надеваме дека оваа претстава ќе придонесе во и за зголемување на дебатата околу ова важно прашање во Македонија” вели Матс Стафансон, амбасадор на Шведска во Македонија.
Претставата е изведена во 19 земји низ целиот свет, вклучувајќи ги Шведска, Европскиот парламент во Брисел, САД, Холандија, Турција, Белгија, Нигерија, Финска, Србија, Русија и Јордан.
Сега, “Седум” дојде во Македонија во организација на Шведскиот Институт во соработка со Детскиот Театарски Центар и Амбасадата на Шведска. Претставата е во продукција на Хеда Краус Сјогрен, додека режијата на македонската претстава е на Бесфорт Идризи.
Претставата во Македонија се издвојува од сите досегашни претстави на „Седум“, бидејќи за првпат беше одиграна на повеќе јазици и тоа на македонски, албански, турски, ромски и српски јазик.