Англискиот музичар Пол Мекартни, вели дека искористиле вештачка интелигенција која им помогнала да ја создадат „последната песна на Битлси“.
Тој за Би-Би-Си Радио изјавил дека со помош на технологијата успеале да го „издвојат“ гласот на Џон Ленон од стара демо снимка со цел да ја комплетираат песната.
„Само што ја завршивме и ќе биде објавена оваа година“, изјави Мекартни.
Членот на култната музичка група од 60-тите и 70-тите години не кажал кое е името на песната, но медиумите претпоставуваат дека се работи за композицијата од Ленон од 1978 година „Сега и тогаш“ (Now And Then).
Оваа песна се сметаше за м0жна „песна на обединување“ за Битлси во 1995 година, кога ја создаваа нивната антологиска серија.
Пол го добил демото една година пред вдовицата на Ленон, Јоко Оно. Се работело за една од неколку песни на касета означена со текст „За Пол“ која Ленон ја направил кратко пред неговата смрт во 1980 година.
Подготвени од продуцентот Џеф Лин, две од песните на оваа касета – „Слободен како птица“ (Free As A Bird) и „Вистинска љубов“ (Real Love) беа комплетирани и објавени во 1995 и 1996 година што претставуваше прв нов материјал на Битлси по 25 години.
Групата исто така се обидела да ја сними „Сега и тогаш“, но проектот брзо бил напуштен.