Во попладневните часови во Градскиот парк во Скопје ќе се собираат потписи за барањата до властите на локалниот огранок на глобалното движење Fridays for Future. Собирањето на потписите ќе се одвива кај чешмичката, информираат тие.
„Дојдете и оставете го вашиот потпис, за да можеме да го испратиме документот на разгледување во Градскиот Совет и да ги натераме политичарите конечно да почнат да и обрнуваат внимание на климатската криза“, стои во повикот
Тие бараат институциите итно да прогласат климатска вонредна состојба, по примерот на повеќе градови и држави во Европа и светот.
Во продолжение, нивните барања кои ги упатија до домашните институции:
• итно прогласување на климатска вонредна состојба, по примерот на повеќе градови и држави во Европа и светот. Ваков чекор е неопходен за создавање услови за институционална приоритизација на ова прашање и сензибилизација на општествените актери за неговата важност.
• формирање на специјално национално тело – комисија за борба против климатските промени. Оваа комисија би била составена од експерти од областа на одржливост и животна средина, кои истовремено би фигурирале на клучни позиции во министерствата за животна средина и земјоделие, како и сектор за енергетика и земјоделие, со цел координација на политиките за спречување на ефектите од климатските промени, која би подразбирала и обезбедување на целосна транспарентност во работата (буџет, акциони планови, годишни индикатори и што од тие индикатори е исполнето).
• во рамките на енергетската политика, отворање на јавна дебата околу проекциите за затворање на постоечките електрани на јаглен, и создавање на нацрт план за транзиција од електраните на јаглен кон извори на обновлива енергија. Ова подразбира крај на долгорочната стратегија за гасификација и ставање фокус исклучиво на обновливите извори на енергија, со најголем акцент на соларната енергија. Во оваа насока, неопходна е итна адаптација на актуелниот Закон за енергетика, кој начелно овозможува учество на домаќинствата во производството на струја од сонце, но во сегашната форма не ја олеснува оваа практика и де факто ја ограничува универзалната употреба на соларните панели. Ваквиот закон мора да ги предвиди начините за најбрзо и најмасовно напуштање на енергијата произведена од фосилни горива, и да почне да ги имплементира веднаш.
• изработка на план за намалување на користењето автомобили во транспортот, во кој акцентот ќе биде ставен на комплетна обнова и повеќекратно проширување на капацитетите на јавниот транспорт. Ова значи не само сериозно подобрување на квантитетот и квалитетот на градските и меѓуградски автобуси како најкористени јавни превозни средства, туку и капитални инвестиции во железничката мрежа во целата земја, воведување на трамвај во Скопје, и покривање на целата територија на државата со велосипедска инфраструктура. Единствено пристап кој ќе го стави еколошкиот пред економскиот фактор може да го сопре подемот на автомобилската индустрија и самоуништувачката сообраќајна култура во земјава, нешто што нема да се случи со слевањето на буџетските средства во програми за промоција на биогорива и компресиран гас за ограничен број возила.
• воведување на климатската проблематика во школскиот курикулум во основното и средното образование. Задолжителната настава за сите причинско-последични аспекти на климатските промени, според најсовремена методологија, е во функција на промена на начинот на живот кај младите, како подготовка за периодот во кој ќе се соочат со ефектите на климатскиот колапс. Имплементацијата на оваа тема во образовниот систем мора да го има во предвид интердисциплинарниот карактер на проблемот, со цел длабоко развивање на климатската свест кај новите генерации.
[Фото] Протест на Fridays for future пред Влада: Сибир е аларм за климатските промени!