„Стига е“ – фронтот против рудникот и загадувачите на животната средина, заедно со „Здрава котлина“ и „Еко долина“ на струмичкиот плоштад „Гоце Делчев“ организираат настан за собирање потписи од граѓаните против „рудниците на смртта“ во Иловица и Штука, струмичко.
Утре, на 14 август, во периодот од 20 до 21 и 20 часот, на плоштадот граѓаните ќе може да го дадат својот потпис против рудникот, но и да го проследат музичкиот настан на бендот „Стихири“, како и да слушнат пригодни текстови и обраќања од еко-активисти.
„„Ве покануваме да бидете дел, за заедно да ја продолжиме макотрпната борба за одземање и решавање на проблемот со концесиите за Иловица-Штука. Она што треба да следи е целосно раскинување на договорите за двете концесии согласно законот за минерални суровини“, велат организаторите.
Дополнително, тие најавуваат и проекција на документарен филм во кој се објаснети штетите од отворањето на рудникот, односно сериозен проблем кој може долготрајно да и наштети на Струмичката котлина и целата флора и фауна која егзистира на оваа територија.