Со 67 гласа „за“ и 9 „против“, Собранието денеска ги изгласа предложените измени на Законот за високо образование и воведувањето на државeн испит во високото образование.
Според министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, државниот испит ќе стартува како пилот-проект во учебната 2016/2017 година, ќе се полага два пати во текот на студирањето и доколку студентот не положи во втора година, ќе може да се запише во трета година. Испитот ќе го полагаат и оние студенти кои студираат во моментот и ќе се запишат на магистерски студии. Адеми прифати амандман со кој се предлага резултатите од првиот пробен државен испит да немаат правни последици, пред да се одржи вистинскиот државен испит.
Пратеникот на ДПА, Беким Фазлиу од говорницата порача дека без гласовите на пратениците на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и да имале 120 пратеници не би можеле да ги донесат овие закони.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со една невидена агресивност носи нови закони за високо образование. Оваа Влада води невиден притисок врз актерите во образовниот систем и целта и вашата намера е ставање под контрола на образовниот систем и да го ставите под контрола знаењето за Владата да биде таа која ќе одлучува кој знае и кој не знае…Оваа влада која има недостаток на знаење и култура ќе ги тестирала студентите“, рече Фазлиу.
Пратеничката Лилјана Поповска од партијата ДОМ рече дека не може да го поддржи предложениот закон бидејќи тој дополнително ќе ја искомплицира состојбата во високото образование, наместо да ги реши проблемите.
„Образованието е во врвот на приоритетите на мојата партија. Жалам што не ми беше прифатен ниту еден од аманданите кои ги предложив. Ваквото решение за државниот испит нема да ги реши состојбите и предлагам целосно бришење на овој испит. Содржината на законот вака како што остана не одговара на потребите на унапредување на високото образование, што е основна цел на овој закон и затоа не можам да го поддржам законот и тука немам никаква дилема“, рече Поповска.
„Колешката кажа дека образованието е во врвот на нејзината партија, но образованието е и во врвот на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ….и кај нас исто така е во врвот на приоритетите и баш и заради тие причини ги носиме овие закони, се во интерес да ги подобриме условите за студирање и да направиме поквалитетни стручни кадри, баш од тоа образование“, реплицираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиoски.
Пратеничката Розе Топузовска- Каревска изрази жалење што пратениците не го слушнале нејзиниот апел точката за Законот за високо образование да биде симната од дневен ред, со што покажале дека не сакаат длабинска е сеопфатна анализа пред да се пристапи кон една значајна реформа во образованието.
„Ви се обраќам на вас, законот сега е во ваши раце, сега ние одлучуваме дали ќе се донесе ваков закон спротивен на Уставот, дали ќе застанеме во одбрана на автономијата на универзитетот или ќе настапиме поинаку. Дали ние почитувани претеници имаме должност кон граѓаните кои гласале за нас? Со само пет реда објаснување што не чини и зошто се носи овој закон дали вие се убедивте дека треба да се донесе? Јас не…за законот велите дека е сериозна реформа, а објаснувањето за него е пет реда. Дали ова е доволно почитувани колеги, за да изгласаме и донесеме еден ваков закон…Немаме право. Имате обврска да не се оглушувате на преку десет илјади студенти, го немате тоа право!“, рече Топузовска- Каревска.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, рече дека се согласува околу незадоволството од квалитетот во високото образование, но тоа се должи на конформизмот на одредени професори и начинот на кој тие ја сфаќаат својата работа и на натпреварот на пазарот. Според него, дисперзираните студии биле добар чекор и не влијаеле на намалување квалитетот.
„Не само на приватните, туку и на државните универзитети има се помалце квалитет и се повеќе подарени оценки…од причини на кои главни носители се професорите. Жал ми е што успеваат да изманипулираат цели генерации и им кажуваат дека треба да имаат дилпома а не знаење“, рече Николовски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски реплицираше дека во расправата биле искажани голем број на аргументи кои биле „за“ воведувањето на државен испит во високото образование.
„Колку што имаше професори, експерти, аналитичари, здруженија про-реформите, толку имаше и контра. Има еминентни и одлични професори и на едната и на другата страна“, рече Димовски.
Според него, има студентски и младински организации кои „благодарение на финансирањето на една позната фондација“ се повеќе го носат протестот во еден антивладин протест.
„Не е тоа што го гледавме на почетокот…Последните два, три протести, се повеќе политички отколку студентски“, додаде Димовски.
Пратеничката Солза Грчева рече дека законот е збирка на апсурни, неповрзани и неприменливи решенија.
„Воведувањето државен испит е штетно, беспотребно, ги учи студентите да меморираат…државата не може да им наметнува испит освен за регулираните професии, кои веќе ги имаме. Се кршат човековите права и слободи со затворските казни за деканите. Членовите на Одборот се дебело платени…Генералниот секретар на овој одбор кој дремеше минатите години ќе има пет просечни македонски плати“, рече Грчева и побара претседателот Иванов да се изјасни за законот и да стави вето.
По расправата, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски ги повика пратениците на гласање. Претходно експресно беа изгласани и измените на Законите за основно и средно образование.
Денеска поголем број студенти, професори и граѓани повторно се собраа пред Собранието на протест поради предлогот за воведување државен испит за студентите. На протестот свиреше песната „Ропска Македонија“, додека демонстрантите држеа транспаренти насловени „Слушнете ја иднината на нашата држава“,„Ние од студентските домови во 3 часот се капеме со ладна вода“, „Ние не ве гласавме во 3 сабајле“, но и „Кого претставувате, кому водите инает“, и го нарекоа Собранието „место на злосторството“. Студентите најавија окупирање, бојкот и блокирање на наставата доколку пратениците го изгласаат законот.
За вечерва во седум часот студентите и професорите најавија нова акција пред Собранието, каде со свеќи ќе го „погребаат“ образованието.
Студентите пред неколку месеци, веднаш по најавата за воведување државен испит хоризонтално се самоорганизираа во движењето„Студентски пленум“ кое иницираше повеќе акции, маршеви и протести против оваа мерка. На првиот студентски марш неколку илјади студенти маршираа против воведувањето на државен испит, на вториот марш излегоа над десет илјади граѓани, додека третиот собир еволуираше од марш во протест, пред Владата на Р. Македонија, каде повторно илјадници студенти гласно кажаа „не“ за предлогот.
Студентите добија поддршка и од голем дел од професорите, кои подоцна ја формираа иницијативата Професорски Пленум која исто така побара да се повлечат предложените измени на Законот за високо образование, да се обезбеди широка јавна дебата за реформи во високото образование и да се донесе нов закон за високото образование. Тие организираа отворено заседание пред Собранието и доставија писмо до пратениците со кое ги повикаа да донесат одлука за повлекување на предлогот од собраниска процедура. На оваа иницијатива и се приклучија преку 500 професори и асистенти, со студентите протестираше и професорот Ѓорѓи Марјановиќ, добија поддршка и од четири поранешни ректори на УКИМ, но и од стотина реномирани светски професори и филозофи како Славој Жижек, Џудит Батлер, Среќко Хорват, Мајкл Харт, Игор Штикс.
Веднаш по основањето на Професорски пленум се појави и контра-професорски пленум преку иницијативата насловена „Граѓанска иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“, која го поддржа воведувањето на државен испит.
И покрај тоа што студентите добија поддршка во јавноста но и од целиот свет, Владата остана глува на нивните барања. Иако министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми најави дека ќе организира јавна дебата на која со студентите ќе дискутира за предлог законот државен испит, Студентскиот пленумот не беше поканет. Половина час пред почетокот на најавената дебата за реформите во образованието која требаше да се одржи на Педагошкиот факултет, МОН испрати соопштение до медиумите каде најавува дека во исто време ќе се сретне само со деканите на педагошките факултети во просториите на министерството. Премиерот Никола Груевски пак, изјавуваше дека студентските протести се партиски мотивирани, и дека не знае зошто протестираат студентите кога државниот испит го има во многу други европски земји.
Претставници на Студентскиот и Професорскиот Пленум се сретнаа и со претседателот Ѓорѓе Иванов, од кого побараа да стави вето на Законот за високо образование, но тој најавил дека „ќе постапува како државник а не како професор“. Студентите и професорите на средбата укажаа на повеќе спорни одредби во измените на Законот за високо образование, почнувајќи од загрозувањето на автономијата на универзитетот и затворските казни за деканите, ја потенцираа опасноста со предложеното снимање за време на испитите да се наруши приватноста на студентите и предупредија на можна политизација на Одборот за акредитација и евалуација. Тие повторија дека државниот испит не е добра реформа поради тоа што со заокружување А, Б, В, Г, Д, не може да се провери знаење. Потсетија дека според Болоња, оценката на знаењето е многу подлабока и поширока и опфаќа истражувања, есеи и учество на часовите. Веднаш по нивниот состанок, желба за средба изрази и професорскиот контра-пленум, по што и тие се сретнаа со Иванов.
По изгласувањето на Законот за високо образование сега останува последниот можен правен инструмент со кој би се спречило воведувањето државен испит – ветото на претседателот на државата, односно непотпишувањето на указот за прогласување на законот. Професорскиот пленум уште еднаш денеска преку писмо побара од Иванов да стави вето на законот со што ќе биде вратен кај пратениците на повторно разгледување.
Кристина Озимец