Со 63 гласа „за“, 35 „против“ и без воздржани, пратениците вчера избраа 16 заменици министри во Владата кои беа предложени од премиерот Димитар Ковачевски.
Па така, заменик во Министерството за одбрана ќе биде Башким Хасани, во Министерството за внатрешни работи ќе биде Назим Буши, а заменик во Министерството за правда ќе биде Агим Нухиу. Заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе биде Џабир Доко.
Фатмире Исаки ќе биде заменичка на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи, додека Филип Николоски ќе биде заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии. За заменик на министерот во Министерството за економија е избран Зоран Маневски, а заменик во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде Абдулшуќур Абедини.
Владимир Рендевски ќе биде заменик во Министерството за здравство, додека Лулзим Алиу во Министерството за образование и наука. Министерството за локална самоуправа пак за заменик го доби Зоран Димитровски, Министерството за култура Даим Лучи, додека во Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин.
Заменик на министерот во Министерството за информатичко општество и администрација ќе биде Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски ќе биде Беким Реџепи, додека за заменичка на министерот во Министерството за животна средина и просторно планирање е избрана Христина Оџаклиевска.
Премиерот Ковачевски во неговото обраќање во Собранието порача дека најважно од сѐ е да се работи искрено, посветено, стручно и ефикасно.
„На оваа позиција се нафатив, предложив министри и заменици-министри за да работиме и спроведуваме, за да покажеме резултати и граѓаните да ги ползуваат нашите решенија. Имаме план, со рокови, обврски, носители на задачи и начин за мерења на ефектите врз квалитетот на животот на граѓаните. Нашиот пристап е јасен, искрен и мерлив. Сите работи, минати, сегашни и идни јасно ги соопштувам на јавноста и зад нив стојам, бидејќи личниот образ, одговорноста и системот на вредности за мене се врвни критериуми и така барам, како и јас, да се однесуваат и останатите“, рече премиерот Ковачевски.