Со 48 гласови „За“, 36 „против“ и еден воздржан, Собранието попладнево ги донесе измените на Кривичниот законик со кои се предвидува намалување на затворските казни за злоупотребата на службената должност и злосторничко здружување и отвора можност за побрзо застарување на делата.
Законските измени беа изгласани по скратена постапка, со европско знаменце и во несекојдневно брз процес. Откако вчера во медиумите излегоа информации дека Владата предложила вакви законски измени, овој предлог утрово веднаш го помина филтерот на Комисијата за европски прашања и попладнево се најде на пленарна седница. По кратка, едночасовна дискусија се премина на гласање и пратениците ги усвоија измените на Кривичниот законик.
Со промените се сменија делови од членот 353 каде што службените лица, кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, од досегашната казна од најмалку три години затвор, сега ќе се казнуваат со затворска казна од една до четири години, со што се поставува горна граница и се отвора можност за побрзо застарување на делата.
Дополнително во од Кривичниот законик се избриша ставот 5 од членот 353 во кој се предвидуваше најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата. Наместо тоа сега има став во кој стои дека „прибавената имотна корист се одзема“.
Во членот 353-в, кој ја опфаќа темата за несовесно работење во службата, се менува висината на казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета. Наместо досегашните најмалку три години затвор, сега се пропишани од шест месеци до пет години затвор.
Ќе има и пониски казни за злосторничко здружување, па наместо досегашните казни од една до десет години затвор со промените за ова кривично дело ќе следува една до три години затворска казна за оној кој ќе создаде група или банда за вршење кривични дела. Дополнително, припадниците на ваквите злосторски здруженија наместо досегашната казна затвор од шест месеци до пет години ќе добиваат најмногу до две години затвор.
Предложените измени денеска беа под жестока критика на експертската јавност. Од Транпаренси Интернешнл – Македонија сметаат дека измените се обид за „тивка амнестија“.
„Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување и сето наведено е предложено преку скратена постапка – употребувајќи го европското знаменце. Следствено на ваквите измени, треба да се погледне членот 3 од Кривичниот законик – Задолжително применување на поблаг кривичен закон став 2 – Ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот одредени постапки подлежат на застареност. Со ваквото законско решение многу обвиненија и истраги за висок коруптивен – финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност“, предупредија од организацијата.
Реакција стигна и од Блупринт групата за реформи во правосудството, од каде велат дека последиците од ваквите законски измени ќе бидат погубни за борбата против криминалот и корупцијата.
„Покрај праќањето порака дека ова дело не е помалку општетствено штетно од претходно (што се прави со намалувањето на казната) тоа ќе има влијание и преку намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност. Ова од причина што, пресметувањето на роковите за застареност е директно поврзано и зависи од видот и висината на пропишаната казна за одделно кривично дело, без разлика дали станува збор за застареност на кривичното гонење или пак на извршувањето на казната. Следствено на ова, предложените измени во Кривичниот законик неспорно ќе имаат влијание и врз судбината на судските постапки иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство, а кај кои што постои опасност од настапување на апсолутна застареност, односно предметите со работен наслов: Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија. Исто така би сакале да потенцираме дека одделението за организиран криминал и корупција и останатите кривични оддели имаат речиси идентична казнена политика по однос на изрекувањето на санкции иако во одделението за организиран криминал и корупција тежината на кривичните дела е значително поголема со оглед на видот на истите. Во таа насока, нејасна е потребата од дополнително намалување на санкциите за овие дела, имајќи предвид дека и со сегашните предвидени казни за овој вид дела, се изрекуваат значително ниски казни“, велат од Блупринт групата за реформи во правосудството.
Од Владата, во образложението за измените на Кривичниот законик велат дека се работи за усогласување со актите на ЕУ, како и за некои ургентни прашања, кои сметаат дека треба да бидат итно регулирани.
Даниел Евросимоски