Собранието на денешната седница ја констатираше оставката на премиерот Зоран Заев, која повлекува и оставка на целата Влада.
Во текстот на оставката која вчера беше доставена до законодавниот дом, премиерот напиша дека оваа одлука ја презел како одговорност за изборните резултати од локалните избори.
„Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, заради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евроатлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата“, стои во оставката на Заев.
Премиерот истовремено посочува и дека со оставката сака да даде придонес во јакнење на демократскиот капацитет во земјата, но и да даде пример за идните лидери кои ќе ја преземаат одговорноста да раководат со институциите во државата.
Со констатирањето на оставката сега започнува да течат роковите за состав на нова Влада.
Претседателот Стево Пендаровски во следните 10 дена треба да го додели мандатот на новиот мандатар кој ќе има обезбедено поддршка од мнозинството пратеници во Собранието.
Потоа мандатарот има рок од 20 дена да поднесе програма и да го предложи составот на новата Влада на гласање во Собранието.