Собранието не го прифати предлогот за намалување на патните трошоци за пратениците, односно тој не успеа да биде ставен ниту на дневен ред. За предлогот поднесен од партијата Левица, гласаа 23 пратеници, 1 беше против, а немаше воздржани, иако во Собранието имаше 100 присутни пратеници. За предлогот гласаа 23 пратеници од Левица и од СДСМ, еден пратеник од ДУИ гласаше против, а пратениците од владејачкото мнозинство воопшто не гласаа.
Предлогот предвидуваше патните трошоци да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6.5 литри на секои 100 изминати километри.
Во предлог-законот за изменување на Законот за пратениците, каде се регулирани патните трошоци за пратениците се истакнува дека историско-компаративната анализа за просечните исплатени патни трошоци за пратеник направена за регионот на Југоисточна Европа и Западен Балкан во периодот 2010–2016, говори дека македонски пратеник просечно земал вкупна сума од околу 40.000 евра патни трошоци.
Оваа сума, како што се посочува во предлог-законот е за 4.000 евра повисока од сумата која му е исплатена на пратеник во Словенија, 21.000 евра повисока од сумата која му е исплатена на пратеник во Бугарија, 28.000 евра повисока од сумата исплатена на пратеник во Хрватска и 34.000 евра повисока од сумата исплатена на пратеник во Косово.
Со одбивањето на предлогот, останува на сила актуелниот Закон, кој предвидува надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар.
*Текстот е обновен во делот на објаснувањето дека предлогот воопшто не успеа да биде ставен ниту на дневен ред на собраниската седница.