Со утринските вести во 10 часот и 30 минути денеска официјално започна продукцијата на нови програмски содржини на Собранискиот канал, соопштија од Собранието на Република Северна Македонија.
Покрај директните преноси на пленарните седници и снимките од седниците на работните тела, оттаму велат дека граѓаните ќе имаат можност за следење и програмски содржини со кои, како што велат, ќе се постигне нов стандард во парламентарната транспарентност, со што собраниските активности најнепосредно се доближуваат до граѓаните.
„Ќе имате можност да ги следите следните програмски содржини: Емисијата од информативен карактер за дневните собраниски активности. ‘Вести’ ќе се емитува три пати дневно во текот работната недела и тоа во 10:30 часот, 14 и 30 и 18 часот и 30 минути. Гостин во првите вести на Собранискиот Канал, денес (четврток, 25 јануари) во информативното издание во 14 часот и 30 минути е Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија“, велат од Собранието.
Дополнително, најавија дека во емисијата „Законодавен брифинг“ ќе бидат презентирани предложените и донесените закони, со цел јавноста да биде целосно и изворно информирана за целите на предложените и донесените закони. Во емисијата „Собраниска ризница“ ќе се претставуваат просторните содржини во Собранието, нивниот историјат и значење.
Емисијата „Интервју“ пак, ќе опфати интервјуа со раководството во Собранието и државата, со поранешни претседатели на Собранието, со претставници на организации кои учествуваат во законодавниот процес и слично.
„Ќе се емитуваат и настани поврзани со нашата држава кои се одржуваат во Европскиот парламент, Организацијата на Обединетите Нации и други меѓународни организации, како и содржини произлезени од соработка со други парламентарни канали. За време на претседателските и парламентарните избори 2024 година на Собранискиот канал ќе имате прилика да го проследите бесплатното политичко претставување на кандидатите, за време на кампањата, од 16 до 22 часот. По завршување на парламентарните избори ќе се емитува и емисијата ‘Вашиот пратеник’ со која ќе биде претставен секој пратеник, и емисијата ‘Економски паралментарен брифинг’ на која ќе има дебати за економските закони“, најавуваат од Собранието.
Почетниот период на работа на Собранискиот канал со презентираните содржини ќе трае шест месеци, по кој програмските содржини ќе се збогатат, додаваат тие.