Social Media Day е глобален настан инициран од Mashable, најпознатиот блог кој следи интернет култура. Се случува секоја година на 30 јуни и оваа година по вторпат се организира и во Македонија, информираат од Блогираме.мк.
Social Media Day Македонија е замислен како настан на кој ќе има многу дружење, дискусии и размена на искуства.
„Дали некогаш после долго комуницирање онлајн сте ја запознале личноста и во живо? Често тоа е пријатно искуство кое понатаму ја продлабочува и подобрува онлајн комуникацијата, така? Зарем не е одлично кога би можеле на сите виртуелни насмевки да им „закачите” реални насмевки на самите луѓе зад аватарите? Датумот го имаме, 30 јуни недела, но локацијата и програмата ја бираме сите заедно. Вашата прва задача е да изберете во кој град ќе се собереме“, велат од Блогираме.мк.
Повеќе детали за настанот може да се најдат на blogirame.mk и komunikacii.net или пингајте на @Blogirame и @NewMediaMK. Заинтересираните можат да се вклучат во дискусија и со глобалниот хаштаг #smday или локалниот – #smdaymk.