На нашите работилници, младите заеднички ги развиваа своите комуникациски вештини, вештини за себе-изразување, го градеа тимскиот дух и соработка, се запознаа со можностите за волонтирање и неформално образование на млади (пред се со Еразмус плус програмата), но и меѓусебно се дружеа и се забавуваа, велат психологот Татјана Манојловска и социјалниот работник Николина Николовска, кои беа дел од екипата која од март до мај ја спроведуваше младинската програма „Јас можам“.
Јас можам“ беше составена од 10 работилници кои се одвиваа секоја среда. Програмата се реализираше во младинскиот центар Крикни, како дел од од партнерството на Центар за младински активизам Крик и Сојуз на извидници на Македонија.
Според Манојловска и Николовска, целта на „Јас можам“ е зајакнување на капацитетите на младите и постигнување на социјална инклузија, соработка и дружење меѓу лица на возраст од 10 до 18 години со Даунов синдром и млади со типичен развој.
„Беше интересно тоа што учесниците имаа свои идеи за активности за време на паузите (караоке, танци), кои уште повеќе допринесоа за добра забава и градење на кохезијата во групата. Особено успешни и плодни ни беа brain-storming вежбите, каде секогаш одново се изразувавме од различноста и креативноста на идеи до кои заеднички доаѓавме. Сите зад нас имаме различни искуства и различно им пристапуваме на работите, и затоа при ваквите активвности добивавме доста различни мислења, за кои веруваме дека на сите ќе ни помагаат понатаму во животот“, соопштуваат психологот и социјалниот работник.
Исто така, потенцираат дека моментално се во завршна фаза на оваа програма, односно заеднички работат на финалниот продукт кој треба да го заврши до крајот на месецов и да го презентираат на финален настан. На тој настан повторно е најавена заедничка дружба и споделување искуства од овие 2 месеци.
„Од една страна сме возбудени тоа што ќе имаме еден финален продукт на нашата заедничка работа, но од друга страна сме тажни што нашето редовно дружење со овие млади и позитивни дечки е при крај. Сепак се надеваме дека во скоро ќе има следен ваков проект, во кој со уште повеќе млади луѓе ќе можеме заеднички да се развиваме, да учиме, но и да се дружиме“, стои во соопштението на Манојловска и Николовска.
Инаку, преку партнерството на Центар за младински активизам Крик и Сојузот на извидници на Македонија во 2017 година се спроведуваат активности од проектот „See You Watching Me“ финансирани од Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ и ЕУ).