Сојуз на средношколци по средба со Царовска: Компромис за поедноставни прашања за државната матура

Сојузот на средношколци денеска имаше состанок со министерката за образование и наука, Мила Царовска, по кој на прес-конференција потврдија дека е најден компримис за поедноставни материјал за државната матура.

Средношколците бараат да се намали бројот на предмети за полагање, па наместо четири, учениците да полагаат само два екстерни. Исто така, училишниот материјал што беше изучуван за кризата преку далечинско учење и онлајн пларформите, да не биде вклучен во испитот на државна матура во 2021 година.

„Најдовме компромис за второто барање. Материјалот што е учен за третата и четвртата година откако почна кризата ќе има многу едноставни прашања во испитот на државната матура. Тоа ќе биде многу полесно за средношколците да ја полагаат државната матура, во период кога квалитетот на образование не е многу добар“, рече Бленди Ходаи од Сојуз на средношколци по средбата со Царовска.

Првото барање, за намалување на бројот на предметите, вели тој, ќе се земе предвид за новиот концепт за државната матура во наредната година.

„Но, ние максимално ќе се трудиме истото да биде прифатено и за оваа година. Како Сојуз на средношколци, ќе треба да имаме инклузивна консултација и со универзитетите, Државниот испитен центар, за да најдеме компромис и за оваа година се намалaт бројот на предметите“, нагласи Ходаи.

Тој на прес-конференцијата посочи дека државната матура е задолжителна и многу важен дел за сите образовни системи во светот, а тие немаат преседани за нејзино укинување за оваа учебна година.

„Бевме во консултација со средношколците и со нашите пријатели – сојузите за средношколци од соседните држави, исто така и од европските земји, каде одлучивме да направиме неколку барања што се многу јасни, констуктивни, разумни и возможни. Барањата ќе осигураат дека обезбедувањето на квалитетот на образованието и менталното здравје ќе бидат императив кога се донесуваат одлуки за време на кризата со пандемијата“, рече Ходаи од Сојузот на средношколци.

Претходните денови дел од средношкоците најавија и протест против одржување на државната матура, а Царовска рече дека, согласно законот, таа е обврзувачка, затоа што на тој начин учениците имаат стартна позиција да се запишат на факултет.

Министерката денес повтори дека ставот на МОН е дека државна матура треба да има како и во сите останати европски држави и држави од регионот и Северна Македонија не смее да биде исклучок по, како што рече, негативни практики.

„Образованието мора да продолжи да тече дури и во овие услови, бидејќи се работи за иднината на младите генерации. Ние нема да дозволиме пандемијата да се одрази на нивниот развој и нивниот напредок. Иако оваа година сите се соочуваме со нови предизвици, мора да обезбедиме континуитет во образовниот процес. За ова се бориме од самиот почеток и нема да отстапиме од оваа цел. Министерството за образование и наука за многу кратко време воспостави модел на настава која функционира и овозможува пристап до образование за секое дете во државата. Имаме шест месеци да се подготвиме за државната матура, што е повеќе од доволно за организирање на овој процес“, рече Царовска.

Таа рече дека разбираме за стравот и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка, но, вели таа, токму затоа се тука, низ заеднички дијалог да понудат решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка.

„Бидејќи работиме во вонредни услови, подготовките веќе течат. Првата одлука која ја донесовме е да ги скратиме програмите по кои ќе се одржуваат испитите од државната матура со цел полагањето да биде ефективно и организирано“, рече Царовска.

Б.Ш.