Од Сојузот на средношколци истакнуваат дека и покрај тоа што помина цела работна недела од нивното соопштение дека учениците во Конче немаат превоз за на училиште, не е преземено ништо за надминување на проблемот и решение не е најдено.
„Не само што 66 ученици изгубија цела недела настава, туку превоз до СОУ Коста Сусинов нема и за време на оваа недела“, велат од Сојузот.
Оттаму ја повикуваат Општина Радовиш да ја исполни својата законска обврска, со која според Членот 41-а став 1 од Законот за средно образование се превидува бесплатен превоз до училиштето ако ученикот не е сместен во ученички дом.
„За ученикот кој е со статус на редовен ученик во јавно средно училиште се организира бесплатен превоз до училиштето, ако ученикот не се смести во ученички дом“, гласи Законот.
Дополнително, од Сојузот посочуваат дека според член 44 од Уставот се гарантира дека правото на образование е „достапно на секого под еднакви услови“.
„Превозот до училиштетото е право на секој ученик, а не привилегија дарувана од институциите. Истиот не е знак на нивна добра волја, туку должност кон граѓаните и средношколците“, велат од Сојузот.
Тие велат дека не биле контактирани од страна на институциите изминатата недела, а дополнуваат дека останува нивната понуда да ја поедностават комуникацијата меѓу нив.
Тие посочуваат дека Сојузот ќе преземе обврска да го информира Народниот правобранител за овој проблем.
Сојуз на средношколци: 66 ученици од „Коста Сусинов“ веќе трет ден немаат превоз до училиште