Сојуз на средношколци: Учениците од приватните средни заслужуваат бесплатен јавен превоз како и тие од јавните

Сојузот за средношколци по повод правото на учениците од приватните средни на бесплатен јавен превоз, смета дека сите ученици, без разлика на нивната етничка, финансиска, социјална или образовна позадина имаат право на еднаков третман.

„Во 2021 година, Сојузот на Средношколци започна со процесот на обезбедување бесплатен и праведен јавен превос на сите средношколци во Р. Македонија. Во јуни 2023 година, поранешниот претседател на Сојузот – Лука Павиќевиќ ја поднесе иницијативата до Уставниот суд на Р. Македонија. Истата година во декември, Сојузот ја оствари својата цел, со тоа што Уставниот суд донесе законско решение дека различен третман на учениците од средното образование во однос на стекнувањето на правото за користење на бесплатен превоз е спротивно на член 9 став 2 и член 44 став 2 од Уставот. Со тоа беше очекувано дека Град Скопје ќе им овозможи на учениците кои немаат картички да ги добијат што поскоро“, велат од Сојузот денес по повод 2 септември – почеток на новата учебна година.

Минатата недела Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) информираше дека сите ученици од средните училишта ќе добијат бесплатни билети. Но, мерката не се однесува на учениците од приватните средни училишта.

„На ЈСП, им се потребни податоци за приватните училишта и финансии од МОН и Град Скопје за да може да направат измени. Но, на темата МОН нагласи и дека ‘Од буџетот на РСМ се обезбедуваат само средства за финансирање на ЈАВНОТО средното образование’“, наведуваат од Сојузот.

Радио МОФ во неколку наврати пишуваше на оваа тема. Притоа од Град Скопје ни изјавија дека за да почне финансирањето на јавниот превоз за приватните средни, МОН треба да ја усогласи законската и подзаконската регулатива по Одлуката на Уставен. Од ресорното министерство посочија на законските прописи според кои основачот на училиштето (Влада, општини, Град Скопје, домашно и странско физичко или правно лице) е надлежен за финансирање и организација на работата на училиштето, вклучувајќи го и бесплатниот превоз до училиштето.

Сите средношколци од 1 септември ќе добијат бесплатни билети за ЈСП, освен оние од приватните средни училишта