Сојузот на средношколци, пред денешната седница на која ќе дискутираат за државната матура, сметаат дека барањето за укинување еден интерен испит е спротивен на интересите на средношколците.
Во нивното соопштение до јавноста тие велат дека интерните испити се полесни од екстерните, а нивно укинување ќе им ја намали можноста на матурантите да се запишат на универзитетски студии.
„Анализата на Сојузот покажува дека укинувањето на еден интерен испит ќе им наштети на нашите ученици кои аплицираат за студии во странство бидејќи нема да имаат доволен опсег на предмети. На пример, медицинските факултети во Велика Британија бараат од секој кандидат да приложи најмалку испит по Биологија и по Хемија, а испитот по Англиски јазик им служи на странските кандидати да докажат дека го познаваат јазикот. Бидејќи испитот по мајчин јазик не е прифатен на странските факултети, нашите матуранти ќе бидат ставени во подредена положба. А нивниот број не е мал“, велат од Сојузот на средношколци.
Од Сојузот тврдат дека секоја година има преку 1.700 матуранти кои студираат во странство, а оваа бројка може да достигне и 2.000 лица, што е околу 12 проценти од вкупниот број матуранти. Според нив, укинувањето на еден интерен испит може да им го уништи трудот на овие средношколци, а со сличен проблем би можеле да се соочат и матурантите кои ќе студираат на домашните универзитети, доколку тие решат да направат построги уписи.
Оттаму посочуваат дека на денешното собрание ќе бидат донесени неколку конкретни барања кои ќе го олеснат полагањето на државната матура и ќе бидат во интерес на сите средношколци.
Реакцијата на Сојузот на средношколци доаѓа пред денешниот протест на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС). Тие најавија дека од 12:30 часот ќе одржат протест пред Министерството за образование и наука, на кој ќе побараат надлежните да објават што ќе треба да се учи, за да може навреме да се спремат за државната матура.