Наставата од далечина остави штетни последици врз менталното здравје на учениците, нивната потреба и врз квалитетот на самиот наставен процес, велат од Сојузот на средношколци. Оттаму бараат од образовните власти да започнат со процесот на повторно отворање на средните училишта со постепено воведување на комбинираниот модел на настава.
„Во октомври објавивме различни сценарија околу тоа како може да се организира комбинираната настава. Првото предлог-сценарио предвидува делење на класовите во групи кои ќе ротираат дневно или седмично. Второто би му дало право на секој ученик да го избере својот модел, па така би се извршила поделбата во групи. Последното предлог-сценарио би ги поделило предметите на тие што ќе се следат физички и тие што ќе се следат онлајн“, потсетуваат од Сојузот.
Според нив, со воведувањето на комбинирана настава би се обезбедило безбедноста на учениците, квалитет на наставата и превенција на негативни општествени последици.
„Во многу случаи, наставата од далечина беше и дискриминаторска – таа не дозволуваше еднакво учество на средношколците кои немаат пристап до ИКТ опрема или интернет. Сојузот изработи две истражувања кои ги потврдија овие наоди: 80% од учениците онлајн наставата ја оценија со 1, 2 или 3, т.е. ниски оценки“, посочуваат тие.
Сојузот смета дека образовните власти не успеале да се справат со образованието за време на пандемијава.
„Така, во март, учениците доживеа прекин во наставата во траење од 2 недели – додека училиштата се подготвуваа за онлајн наставата. А учениците се уште пријавуваат проблеми со: интернет-конекцијата во нивното училиште, нередовното присуство на голем број ученици и самата (не)валидност на оценувањето од далечина“, потсетуваат од Сојузот.
Оваа учебна година, распустот започна на 31 декември, а ќе трае до 21 јануари. Наставата започна еден месец подоцна, на 1 октомври, па бројот на училишни денови беше намален од 180 на 159.