Од Сојузот на средношколци објаснуваат дека донесениот Закон за средно образование од 1995 досега е менуван и дополнуван 32 пати, но дополнуваат дека до овој момент никогаш не биле спомнати средношколското организирање и демократија.
Оттаму истакнуваат новиот предлог закон ќе го врати средношколското раководење и демократија на средношколците, притоа регулирајќи го и демократизирајќи го ученичкото организирање за првпат во историјата на државата.
„Сојузот овој предлог ќе го достави до Клубот на млади пратеници, а под покровителство на Вестминстерската фондација за демократија (WFD) планирано е да организираме јавна расправа во Собранието, со цел секоја засегната страна да го каже својот став и ова решение да биде избрусено и рафинирано“, соопштуваат од Сојузот.
Оттаму нагласуваат дека предлог законот се повикува на веќе постоечките права и слободи на учениците, односно според Членот 15 од Конвенцијата за правата на детето се гарантира правото на здружување и мирно собирање
„’Државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање’. Иако составен дел од македонскиот правен систем, досега ова право не било актуелизирано и преточено во правен акт“, истакнуваат од Сојузот.
Но, од Сојузот се навраќаат дека процесот на изработка и анализирање на овој закон влече подалечни корени.
„Во голема мера документот се повикува на претходен предлог напишан и објавен од страна на Младинскиот образовен форум, но со одредени клучни реформи и новини, како и сознанија од компаративната анализа на Коалиција СЕГА“, велат од Сојузот.
Автор на законското решение е Лука Павиќевиќ, кој порачува дека Сојузот е на чекот да ја исполни најважната точка од изборната програма.
„Ми беше чест да бидам авторот на теоријата, набљудувачот на емпириката и писателот на нормата зад сосема новиов концепт на средношколска демократија“, вели тој.
Во август 2021 година Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Сојузот на средношколци ја лансираа заедничката иницијатива „Лидер(ка) на училиште, лидер(ка) во иднината“, во која учествуваа претседателот на Републиката, граѓански активисти, експерти, ученици, професори од средните училишта, млади европски амбасадори и претставничката на УНИЦЕФ во земјата, кои ја поддржаа средношколската деморатија.
„Јасно е дека целокупната јавност, а најмногу средношколците, сакаат да ги видат учениците како активни индивидуи кои ќе ги застапуваат и бранат своите права и интереси. Познавањето на поделбата на власта на законодавна и извршна ни ги овозможува нашите права и слободи: следствено, овој предлог предвидува претставници на класови и претседател(ка) на ученички совет, со различни надлежности“, истакнуваат од Сојузот.
Оттаму дополнуваат дека секој закон се однесува на локално, регионално и национално ниво, за конечно секое средно училиште да стане дел од приказната за средношколска демократија, која ќе создаде независен ученички совет во секое средно училиште во земјава.
Од Сојузот истакнуваат дека законските одредби ќе го заштитат автентичниот став на средношколците, значително намалувајќи го негативното влијание на политиката во средношколскиот сектор.
„Ученичкото учество и средношколската демократија се важни за да произведеме една свесна, информирана индивидуа која би се вклучила во демократскиот живот, водејќи се од чувството на должност и општествена одговорност. Можностите за средношколец да одбере кој ќе го претставува на сите нивоа се подобри од кога било. Гласот на поединецот вреди сè повеќе. Дојде времето за средношколска демократија“, заклучуваат од Сојузот.