Сојузот на средношколци најавува бојкот на почетокот на второто полугодие

Сојузот на средношколци најави бојкот на наставата од четврток, односно, од почетокот на второто полугодие, се додека, како што велат, не се прифатат нивните барања од властите. Тие посочуваат дека ваквата одлука ја донеле во консултација со претставници на средношколци низ земјава, како и заедно со матурантите.

Од Сојузот бараат Министерството за образование и наука (МОН) да го намали бројот на предмети кои учениците треба да ги полагаат, од четири предмети, тие предлагаат учениците да полагаат два предмети, односно, првиот предмет да биде задолжителен мајчин јазик, македонски, албански, турски, додека вториот предмет да биде по избор на ученикот. Дополнително, тука ја вбројуваат и проектната задача.

Истовремено, тие бараат МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март да објават и презентираат план и програма, за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испити.

„При составувањето на нашите барања за измена и поедноставување на содржината на државната матура, земавме пример од образовните власти во Франција (кои бројот на испити го намалија дури на еден – по избор на ученикот. Сепак, поради важноста на Уставот и мајчините јазици, сметаме дека и мајчиниот јазик треба да остане задолжителен испит)“, стои во соопштението на Сојузот.

Барањата, како што посочуваат тие, биле предложени и до образовните институции од страна на Сојузот, за време на состанокот со министерката Мила Царовска на 9 декември минатата година. Одлуката за бојкотот, тие велат дека доаѓа откако МОН и ДИЦ не биле, како што велат, подготвени да соработуваат за нивните барања да бидат прифатени и успешно да се спроведат.

Средношколци низ повеќе градови во земјава во декември минатата година протестираа за укинување на матурата, и бараа да остане само проектната задача, како и да им се овозможи полагање матурата на оние средношколци кои сакаат да се запишат на факултети надвор од државата. Од МОН пак, останаа децидни дека матурата мора да се спроведе.

Преку соопштение, Сојузот вчера исто така бараше и повторно отворање на средните училишта за комбинирана настава, посочувајќи дека наставата од далечина оставила штетни последици врз менталното здравје на учениците, нивната потреба и врз квалитетот на наставниот процес.