Сојузот на средношколци заедно со Делегацијата на Европската Унија, вчера кога се одбележа една година од руската инвазија на Украина, го одржаа настанот „Интеграција на учениците и студентите бегалци во образовниот систем“, на кој се дискутираше за влијанието на војната врз украинското културно наследство и образовен систем, соопштија од Сојузот.
На настанот во „Europe House“ во Скопје се презентирала и Резолуцијата за изразување солидарност и барање акција, усвоена од Организирачкото биро на европските средношколски сојузи (OBESSU) во декември минатата година.
„Резолуцијата ги адресира ефектите на војната врз украинските средношколци и студенти чие право на образование, живот, детство, демократија и мир е нарушено. Повеќе од 2 милиони ученици ја напуштија земјата поради агресијата на вооружените сили на Руската Федерација. Во септември 2022 година, околу половина милион украински деца беа запишани во образовните системи во ЕУ. Оштетени се повеќе од 2.700 училишта. Поради сето ова, средношколците бегалци не можат да го полагаат матурскиот испит (‘вступні на бакалаврат’) предвиден во украинскиот образовен систем. Оттука, Резолуцијата вклучува и список на мерки коишто националните влади треба да ги преземат за да обезбедат квалитетно образование, соодветни услуги за менталното здравје и безбедни средини за украинските ученици кои престојуваат во нивните земји“, посочија од Сојузот на средношколци.
„Според Универзалната декларација за човековите права, секое дете има право на образование, а мирот на Европа мора да ѝ се врати. Затоа, Сојузот на средношколци и OBESSU имаат одговорност да реагираат кога не се почитуваат правото на детето на образование, демократијата и мирот. Згрозени од сегашните настани, ние сме согласни дека итно е потребна брза деескалација и долготрајна поддршка за Украина“, додаваат од Сојузот.
Фокусот на дискусијата, со која модерираше Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот била на тешкотиите со кои се соочуваат украинските ученици и студенти. Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, пак посочи дека средношколците, во духот на солидарноста, осмислиле конкретни предлози како да им помогнат на своите соученици во Украина.
Украинската амбасадорка Лариса Дир, истакна дека Украина како држава успеала процесот на образование да го одржи и во воена состојба преку онлајн настава, со цел да се обезбеди некаков образовен процес. Таа посочи дека над 300 Украинци се засолниле во Северна Македонија, при што украинските деца учат во македонските училишта и добиваат образование на македонски јазик.
Дополнително, на настанот бил проектиран и документарниот филм на Томаш Грживацевски „Избриши ја нацијата“, кој, како што велат од Сојузот на средношколци прикажал само дел од загубените животи и уништеното културно наследство. Исто така, биле изложени и избрани фотографии на новинарката Кристина Атовска од руската инвазија врз Украина.