Активистите на Социјалниот центар „Дуња“ ги повикуваат граѓаните да бидат солидарни и да се вклучат во нивната донаторска акција која ја организираат овој петок, 24 декември, со почеток во 16 часот.
Акцијата ќе биде проследена со поетско читање, каде млади поети ќе прочитаат дел од нивната поезија. Поетското читање исто така ќе биде од хуманитарен карактер, а влезницата ќе чини симболични 100 денари, средства кои што ќе се искористат за новогодишни пакетчиња за децата од економски загрозени семејства.
Во поетското читање ќе учествуваат: Марија Ангеловска, Диме Данов, Исток Улчар, Тијана Хаџивасилевиќ, Светла Јакшиќ, Зоран Василески, Мануела Златкова, Андреј Ал-Асади, Емануела Ковачевска Китановска, Кристијан Јордановски и Михајло Свидерски.
„Собираме донации во вид на храна, средства за хигиена, исклучиво зимска облека и обувки, новогодишни пакетчиња и парични средства“, стои во повикот за акцијата.
Донаторската акција ќе трае до 20 часот, кога започнува поетското читање, а ќе заврши во 22 часот.