„Деновиве, притисокот на новинарите повторно добива насилна форма, отсликана во прогонот на уредничката на „Фокус“, Јадранка Костова. Крајно револтирани од натамошното уништување на медиумската слобода во Македонија, ја изразуваме својата јасна и недвосмислена поддршка кон Костова и најказнуваниот медиум во Македонија, Фокус“, реагираат од левичарското движење „Солидарност“.
„Солидарност секогаш го поддржува и поттикнува критичкото мислење за учесниците во јавната сфера. Граѓан(к)ите имаат должност, а медиумите имаат обврска да развиваат критички однос кон носителите на јавните функции. Оттаму, слободата во уредувачките политики на медиумите, самосвесниот пристап, и независниот израз на новинарите како креатори на општествената стварност се нужни предуслови за развивање на демократско општество. Акциите на новинар(к)ите кои целат кон транспарентност, отчетност и одговорност на јавните институции се легитимна манифестација на политичка одговорност, и како такви не смеат да бидат тема за дискусија, притисоци и прогон од страна на власта.
Сметаме дека Комисијата за верификација на фактите, популарно позната како „Лустрациска комисија“, како впрочем и сите останати институции на системот, е повторно злоупотребена од страна на власта за јавен отстрел и справување со политичките неистомисленици/чки. Во изминатите неколку години, оваа кафкијанска институција функционираше без никаков легитимитет и со сомнителен легален статус, а беше искористена за неутрализирање на огромен број политички противници. Парадоксално е што токму оние кои лустрираат сè живо и мртво, за девет години успеаја да ги надминат „комунистите“ и по бројот на следени граѓани, но и по степенот на угнетување на слободниот збор и јавната дебата. Оттука, легитимно е да бараме таквата Комисија да биде распуштена, да се преиспита како го спроведуваше целиот процес и да се покрене кривична одговорност во случаите каде нејзината мисија е злоупотребена во функција на власта.
На крајот, сметаме дека тајмингот на прогонот на Костова говори за уште еден диверзантски маневар насочен кон одвлекување на вниманието на јавноста од дискурсот за експертска влада и нејзиниот состав, додека јавноста бара одговорност од кликата на министри во владата на Груевски, кои во иднина не смеат да се надеваат на место во јавните функции. Затоа, повикуваме на уште поздружено и уште погласно делување на сите оние кои сакаат овој режим да си оди, а со нив и засекогаш да си одат и нивните угнетувачки начини на делување!“, се вели во соопштението на „Солидарност“.