Солистички концерт на Арда Мустафаоглу во КИЦ – Скопје

Утре (вторник, 4 јуни) младиот пијанист Арда Мустафаоглу ќе одржи солистички концерт во Културно-информативниот центар во Скопје (КИЦ) со почеток во 19:19 часот.

Арда Мустафаоглу има 21 година, а пијано свири од шест години. Тој учествувал на приближно 25 меѓународни натпревари, и е добитник на 21 прва награда, Гран при награди, награди од публика и многу специјални награди.

Неговиот исклучителен придонес во промовирањето на градот Скопје во светот му ја донесе и наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје.

Арда има настапувано со оркестарот на Македонската филхармонија, Софиската симфониета, Квартетот ЕОС и Квинтетот Мармара. Често одржува концерти ширум Европа (Германија, Франција, Италија, Белгија, Турција, Грција итн.).

Неговиот развој во уметноста на пијанизмот го водат пијанистичките педагози: Александар Сердар, Шантал Стиљани, Милица Шкариќ, Денис Паскал и Хериберт Кох. Арда во моментов е студент во класата на Ана Виницкаја на Универзитетот за музика и театар во Хамбург каде беше примен како прворангиран.

Утрешната програма е составена од:

Д. Скарлати – Соната К247
Д. Скарлати – Соната К9
Д. Скарлати – Соната К141
А. Скрјабин – Соната бр. 2 оп. 19
А. Берг – Соната оп. 1
Ј.С. Бах/ Ф. Бусони – Чакона во д мол