Властите на Соломонските острови начелно се заканиле дека ќе го забранат пристапот за странски новинари во државата, доколку тие не се однесуваат со почит или пак се склони кон „расно профилирање“ во сториите за врските на земјата со Кина, пренесува „Гардијан“.
Од канцеларијата на премиерот Манасе Согаваре, било објавено соопштение во кое се вели дека странските новинари не можат да се однесуваат на ист начин на Пацификот, како што се однесуваат во другите земји.
„Пацификот не е ист со Австралија или САД. Ако сте дојдени на нашите острови, однесувајте се со почит, бонтон и според протоколите“, било истакнато во соопштението.
Според соопштението, на новинарите кои нема да ги почитуваат правилата, нема да им биде дозволен влез во Соломонските острови или пак и другите нации на Пацифичките Острови.
Конкретно, соопштението е критика и одговор на репортажата на „Еј-Би-Си“ за зголеменото кинеско присуство на Соломонските острови, а медиумот е обвинет дека во медиумскиот производ внел расни стереотипи и намерно биле користени дезинформации.
Од „Еј-Би-Си“ ги отфрлиле обвинувањата во претходно соопштение велејќи дека главен фокус во сторијата биле локалните жители кои изразиле загриженост поради кинеското присуство.
Соломонските острови се центар на регионалното и глобално внимание, откако претходно годинава, државата склучи безбедносен договор со Кина.
Според договорот, Соломонските острови дозволиле Кина да испрати полиција, вооружена полиција, војници и други безбедносни сили во земјата поради различни причини, како одржување на јавниот ред и штитење на животите и имотите на локалното население.
Соломонските острови и претходно беа мета на критика, откако испорачаа цензура на националниот медиумски сервис, забранувајќи му да објави материјали во кои се критикуваат властите, преку проверување на вестите пред нивно објавување.
На почетокот на месецов, властите објавија дека медиумската мрежа на Соломонските острови, која е јавен медиумски сервис основан во 1976 година, ќе биде под контрола на властите.
Вработените од мрежата потврдиле дека сите вести и програми ќе бидат проверувани од страна на претставник на власта пред нивно емитување.