Солун – европски младински град кој има што да понуди

Солун, Грција е актуелниот Европски младински град за 2014 година. Солун има преку 120 илјади студенти, а сега дополнително, илјадници млади доаѓаат во градот за да посетат некои од музичките фестивали, културните настани и другите активности кои се дел од широката програма на иницијативата „Европски младински град“.

Солун – европски младински град кој има што да понуди

Титулата „Европски младински град“ се наградува на европски градови во период од една година, во која ќе добијат шанса преку широка програма да го покажат својот младински поврзан културен, социјален, политички и економски развој.

Солун – европски младински град кој има што да понуди

Оваа година, темата избрана од градот е наречена „време“, збор кој се стреми да ја презентира историјата на градот и неговата улога во Југо-Источна Европа, како и идните перспективи, развојот и транзицијата кон неговото социјално оживување.

Радио МОФ имаше шанса да разговара со една од организаторките на оваа иницијатива и да праша што се е потребно за еден град да биде прогласен како европски младински град. Колку е важна соработката со локалните власти, дали се потребни големи финансиски средства?

Според Пери Куракли, консултант за европски проекти и младинска политика и дел од здружението „Солун – Европски младински град – 2014“, идејата за Солун да се пријави во овој натпревар на европски градови, се појавила во екот на економската криза во Грција.

Солун – европски младински град кој има што да понуди

–          Идејата за Солун да се пријави како европски младински град потекнува од заменик градоначалничката на Солун во 2011 година, во време кога пукна финансиската криза во Грција. Но таа одлучи да не се обрати кај економски консултанти, туку се обрати кај младината на градот и младинските организации и ги праша да работат заедно и работевме три месеци. Околу 800 луѓе работеа на тоа да ја добиеме титулата и на крајот ја освоивме.

Програмата на Европскиот младински град за 2014 година, се состои од широка палета на акции и преку 180 настани за младите, создадени врз база на четири столбови: креација, партиципација, специјални социјални групи и нови социјални движења. Овие столбови ги дефинираат акциите, интервенциите и контекстот во кој општината работи.

Солун – европски младински град кој има што да понуди

–          Иако е рано да се каже, мислам дека ја променивме агендата на градот, на локалните власти и општината во насока на тоа дека младите се важни. Тие се круцијален фактор во секојдневниот живот на градот и општеството сфати дека младите имаат моќ и простор за да создаваат, да сонуваат и да ги реализираат своите соништа, вели Пери за Радио МОФ.

Според организаторите, оваа европска титула ќе помогне и на домашната економија. Примерот на Брага, Португалија од 2012 година покажа дека парите кои доаѓаат за младинските иницијативи на локално ниво се зголемени за неколку пати, па затоа и во Грција се надеваат дека ќе го повторат тој успех.

–          Кога сте препознаен како Европски младински град, не добивате и пари со тоа, мора финансиите да ги најдете сами. Околу еден милион евра беа дадени од самиот град, додека околу 2,5 милиони евра доаѓаат преку Претседателството на Грција со ЕУ, институциите со кои работиме, но сите средства веднаш се префрлаат на хотели, ресторани или институции каде се организираат настаните, не влегуваат директно во организацијата која го организира настанот, додава Пери.

Според неа, за освојување на европската тутула, многу е важна и работата со домашните но и странските институции.

–          Ако сакате да бидете Европски младински град, мора да работите со европските институции. Работиме со амбасади, политички организации, културни организации, Советот на Европа, Европската Комисија, но немаше да бидеме успешни доколку не работевме со локалната заедница и локалните здруженија, вели Пери Куракли од „Солун – Европски младински град – 2014“, која ја сретнавме за време на предавањето кое го одржа пред 60-тина млади од Македонија. Младите го посетија Солун во рамките на проектот „Развој на локални младински политики и локално младинско учество во 12 општини“, поддржан од Европската Унија, а имплементиран од Младински образовен форум и Центар за интеркултурен дијалог.

Солун – европски младински град кој има што да понуди

Иницијативата „Европски младински град“ ги охрабрува имплементација на нови идеи и иновативни проекти, во однос на активно учество на младите луѓе во општеството, и се обидува да претстави модел за понатамошен развој на младинските политики во другите европски општини.

Првиот Европски младински град беше Ротердам (Холандија) во 2009 година, во 2010 беше Турин (Италија), 2011- Антверп (Белгија), 2012- Брага (Португалија), 2013 – Марибор (Словенија), 2014- Солун (Грција), и за 2015 година, Европски младински град ќе биде Клуж Напока (Романија).

К.О.