На 13 февруари, еден од најистакнатите македонски композитори кој делува на интернационалната сцена Дуке Бојаџиев, ќе одржи концерт заедно со оркестарот на Македонската филхармонија. Публиката ќе има можност да ужива во несекојдневна и атрактивна програма насловена „Сон, Верба, Љубов“.
Концертот ќе се одржи во Македонската опера и балет во 20 часот, под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, а на сцената заедно со Бојаџиев кој ќе свири на пијано, ќе застанат и вокалот Крсте Роџевски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистот Матијас Кунцли. Дуке Бојаџиев, како и останатите музичари, веќе долги години живеат и творат во центарот на светската култура, Њуjорк.
Последниот проект на Дуке Бојаџиев „Сон, Верба, Љубов“, во себе ја инкорпорира музиката која што тој ја создаде за филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“. Проектот содржи и композиции од албумот на Бојаџиев „Љубовта е патот“, за кој, како што и самиот автор вели, инспирацијата ја црпел од неговата животна приказна, од Скопје до Њујорк. Во него се преплетуваат сите фази на неговата еволуција како човек и како уметник.
Проектот претставува спој на филмска, класична и изворна музика, а дел од композициите ќе бидат збогатени со суфистичката поезија на големиот поет и филозоф од 13.век, Џелалудин Мевљана Руми, информираат од Македонската филхармонија од каде додаваат дека ова е уште еден од низата концерти кои отстапуваат од класичниот редовен репертоар на првата национална музичка институција, а со цел привлекување поинаков вид публика.