Во рамките на фестивалот „Охридско лето”, вечерва во Античкиот театар во Охрид концерт ќе одржи еден од нашите најдобри современи пијанисти и композитори, Дуке Бојаџиев, кој ќе се претстави со проектот „Сон, верба, љубов”.
Бојаџиев ќе настапи со неговиот ансамбл од специјални гости: Исмаил Лумановски-кларинет, Тања Царовска – вокал, Мартин Ѓаконовски – контрабас, Мартина Блажеска – вокал, Костас Анастасиадис – перкусии, Владимир Крстев – стринг квартет.
„Сон, верба, љубов“ во себе ја инкорпорира музиката која што Дуке Бојаџиев ја создаде за филмовите „До Балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“, потоа композиции од неговиот албум „Љубовта е патот“, како и нови, досега неизведени творби. Вклучувајќи ги и аранжманите и изведбата, проектот може да се опише како вкусен спој на филмска, класична и изворна музика, и во него силно се чувствува поднебјето на авторот, односно духот на македонската традиција.
Покрај македонскиот традиционален звук, музиката на Бојаџиев опфаќа фолклорни елементи и од турската, ромската и албанската музика, кои авторот ги соединува во една автентична целина со современ пристап, и со тоа влијае на фузионирање на културното богатство на сите народности што живеат во Македонија.
Со истиот проект „Сон, верба, љубов”, Бојаџиев се претстави пред битолската публика во петокот, на античкиот локалитет Хераклеа.