Сондата „InSight“ на НАСА ја испрати веројатно својата последна порака од Марс, каде беше на мисија да ги открие внатрешните тајни на планетата, пренесува „Гардијан“.
Вселенската агенција во ноември годинава предупреди дека се наближува крајот на времето што сондата ќе го помине таму, бидејќи прашината од површината на Марс почна да се згуснува и да ѝ ја намалува моќта.
„Генерирањето на енергија на вселенското летало продолжува да опаѓа бидејќи се згуснува прашината што се таложи на неговите соларни панели. Крајот се очекува да биде во некоја од следните недели“, информираше НАСА на 2 ноември.
Твитер профилот @NASA InSight во понеделникот ја сподели пораката: „Мојата моќ е навистина мала и затоа ова може да е мојата последна фотографија што може да ја испратам од овде. Сепак не грижете се за мене; моето време тука го поминав продуктивно и спокојно. Ако можам да продолжам да комуницирам со мојот тим, наскоро ќе се одјавам од овде. Ви благодарам што останавте со мене“.
My power’s really low, so this may be the last image I can send. Don’t worry about me though: my time here has been both productive and serene. If I can keep talking to my mission team, I will – but I’ll be signing off here soon. Thanks for staying with me. pic.twitter.com/wkYKww15kQ
— NASA InSight (@NASAInSight) December 19, 2022
Сондата пристигна на пустинското пространство „Elysium Planitia“ на Марс во ноември 2018 година. Оттогаш таа прави геолошки ископувања, преку што ги направи првите мерења на земјотреси со помош на високотехнолошки сеизмометар поставен на површината на Црвената планета.
Минатиот месец таа испрати порака потсетувајќи на своето време во вселената.
„Бев доволно среќна да живеам на две планети. Пред четири години, јас безбедно пристигнав на втората и тоа на задоволство на моето семејство што живее на првата. Праќам благодарност до мојот тим што ме испрати на ова патување да истражувам. Се надевам дека ве направив горди“, гласеше пораката.
Од пристигнувањето до денес, „InSight“ измери 1.300 сеизмички настани и повеќе од 50 од нив имаа јасни сигнали за тимот научници да произведе информации за нивната локација на Марс.
Овие податоци информираа за внатрешноста на Марс, неговото течно јадро и изненадувачки променливите остатоци што се наоѓаат под површината на магнетното поле што според податоците е во состојба на изумирање.
НАСА соопшти дека сепак нема да ја прогласи мисијата за завршена се додека „InSight“ не пропушти два пати да се пријави во вселенското летало што кружи околу Марс и што ги праќа информациите до Земјата.