Просветните работници од основното и средното образование и вработените во градинки од септември да добијат зголемување на платите од 15%. Oва е договорот кој вчера го постигна Самостојниот синдикат на образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН), во медијација на Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера изјави дека ги допрецизираат и работите кои ќе ги содржат финалните колективни договори, а кои треба да бидат потпишани во следниот период.
„Понатаму, прифатени се и предлози од медијаторот, кои заедно со претставниците од СОНК во секоја подготовка на секој буџет за наредна година, заедно ќе седнуваме да ги разгледаме буџетите. Што значи во периодот за разгледување на буџетот на 2023 година, јас како министер со претставниците и од синдикатот ќе имаме прилика да ги разгледаме буџетите“, посочи Шаќири.
Министерот Шаќири, исто така истакна дека нема да има кратење на дел од платите на просветарите во периодот во кој штрајкуваа, и додаде дека министерството и претставници од СОНК наишле на целосно разбирање.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков изјави дека е многу важно воведувањето на нова практика на партнерски однос помеѓу синдикатот и МОН за создавање на наредниот буџет, а особено буџетот за плати за 2023 година и понатаму.
„Тоа досега сме го немале, меѓутоа еве, ќе бидеме на некој начин коректори и на инфлациите и на зголемување на минималните плати. И се согласивме со МОН дека ваква ситуација повеќе во наредниот период да не се случува, на ваков начин да бараме усогласување на плати“, рече Неделков.
Начелниот договор на СОНК и МОН сега треба да го прифати и Советот на СОНК и едногласно да ја потпише спогодбата.
„Овие препораки вечерва се усогласени и во рок најдоцна од 10 дена да се потпише спогодбата“, изјави вчера Неделков.
СОНК започна со генерален штрајк на 11 април со барање за зголемување на платите од 18.5%, односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари.
Владата по неколку дена им понуди зголемување на платите за 10%, а од СОНК информираа дека предлогот е неприфатлив за над 95% од синдикалните организации што ги застапува синдикатот.
По неколку преговарачки процеси, Владата и СОНК начелно постигнаа договор за зголемување на платите во просветниот сектор за 12%. По предлогот на Владата, СОНК одлучи штрајкот да продолжи само во училиштата, а градинките да почнат со работа.
Два дена потоа, СОНК го стави штрајкот во мирување во основните и средните училишта, а учениците се вратија во клупите. Одлуката за ова, дојде откако МОН доставило известување до МТСП за пристапување кон мирно решавање на колективниот спор со СОНК, според Законот за мирно решавање на работни спорови. Просветни работници тогаш излегоа на протест пред седиштето на синдикатот кои изразија незадоволство и несогласување со одлуката за ставање на штрајкот во мирување.
Мартин Колоски