СОНК најави штрајк ако не се исплати прекувремената работа на наставниците, од МОН велат редовно уплаќале

Училишната година нема да заврши, а нема да се издадат ни свидетелства ако наставниците не добијат надомест за прекувремената работа за време на пандемијата, се заканија од Синдикатот за образование, наука и култура.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, на денешната прес-конференција апелираше до општините, училиштата и Министерството за образование и наука итно да најдат решение за овој проблем, во спротивно, ќе возвратат со штрајк.

Тој реагира на неисплаќање дополнителни средства и покрај зголемен обем на работа што ја имале наставниците во основното образование периодов.

Според новиот план за реализација на наставата во основните и средните училишта, се воведоа протоколи за да ги штитат вработени од Ковид-19. Тие налагаат сите паралелки со поголем број ученици да се делат на две групи, односно една работна група или паралелка не смее да биде поголема од 15 ученици.

„Не беше мал бројот на паралелки коишто се поделија во две групи и не е мал бројот на наставници коишто реализираат настава истовремено со двете групи. На тој начин се зголемува двојно работата на наставниците за која што согласно закон и колективен договор, треба да има надокнада за зголемен обем на работа“, рече Неделковски.

Тој истакна дека работното време од 40 часа се дели на 23 наставни часа директна работа со деца, додека останатите часови се наменети за други програмски активности.

„За жал, институциите на системот не го препознаа зголемениот обем на работа на наставниците и игнорантски се однесуваат кон овие работници кои имаат потреба за исплаќање на овој додаток на плата“, смета Неделковски.

За проблемот се обратиле и до Државниот инспекторат за труд, но Неделковски вели дека оттаму реагирале нестручно и непрофесионално, бидејќи како што забележа, не успеале да препознаат дека наставниците работат двојна работа.

„Веќе во некои училишта се донесени и одлуки за штрајк, односно незавршување на учебната година доколку до 1 јуни во платниот список кој се изготвува деновиве не се пресметаат сите оние средства кои им се должат на наставниците“, истакна тој.

Од Министерството за образование и наука, пак, тврдат дека редовно и навремено ги уплаќаат блок дотациите кон локалните самоуправи, согласно динамиката со којашто тие ги доставуваат барањата.

Оттаму апелираат до локалните самоуправи и училиштата да го почитуваат Законот и да ги исплаќаат надоместоците за прекувремена работа на наставниците.

„Исто така МОН, уште во месец октомври испрати писмо до сите училишта со кое ги потсети на законските обврски дека за наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени средства. МОН и претходно во повеќе наврати апелираше до општините да го почитуваат Законот и да го исплатат надоместокот. Исто така МОН одговори, појасни и даде детални инструкции за постапување на секое училиште и општина која се обрати за барање за појаснување како да постапи во врска со пресметките за плата“, стои во соопштението на министерството.

Е.П.