СОНК нема да отстапи од штрајкот најавен за вторник (20 јануари) – учебната година ќе започне без наставници и ученици, вели првиот човек на синдикатот Јаким Неделков, а пренесува телевизијата 24 Вести.
Тој вели дека барањата на синдикатот се основани и дека тие нема да отстапат доколку не бидат целосно исполнети, а за тоа ја имаат и поддршката на меѓународната заедница.
Сепак, од повеќе градови и општини доаѓаат спротигвни информации – по средбите на градоначалниците со локалните представници на СОНК, како и со наставниците и професорите, од Гостивар, Виница, Кривогаштани, Македонска Каменица, Делчево, Кавадарци, Прилеп, Преспа, Охрид се изјаснија дека не ја поддржуваат одлуката на синдикатот да излезат на генерален штрајк.
Неделков за 24 Вести вели дека притисоци има и тоа „најчесто доаѓа од општинските власти и одредени партиски приврзаници блиски до власта“.
Штрајкот во образованието е закажан за првиот ден на второто полугодие, а претходно Министерството за образование соопшти дека наставниците кои ќе штрајкуваат ќе бидат заменети со привремени наставници. Со поддршка за штрајкот излезе Мултиетничкиот синдикат сметајќи дека проблемите во образованието се исти и сите треба со заеднички сили да се изборат тие да се подобрат.