Педесетина професори и наставници, организирани од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) се приклучија на штрајкот со глад на тројцата професори од Економскиот факултет во Штип. СОНК се приклучи во знак на солидарност и поддршка кон професорите кои тврдат дека незаконски се отпуштени од работа, а по истекувањето на крајниот рок во кој синдикатот бараше Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип да го спроведе решението на Државниот просветен инспекторат и да ги поправи грешките во постапката. Реакција стигна од ректорот на универзитетот Саша Митрев, а преку отворено писмо му одговорија тројцата професори.
Ќе го разрешам деканот ако доцентите ги исполнуваат условите, во спротивно тие да се повлечат, побара ректорот Митрев со соопштение испратено до медиумите.
„За да се избегнат било какви манипулации со јавноста, за да се избегне ситуација на маченици и репресивна управа на универзитет, ги повикувам доцентите-штрајкувачи да одредат 3 редовни професори од групата од наставници која сака да се вклучи во штрајкот или било кои други наставници кои штрајкувачите ќе ги одредат, заедно со 1 правник и 1 редовен професор од УГД и еден претставник од МОН, да направи точна и недвосмислена евалуација на сегашните рецензии на трите наставници и нека излезат со извештај до јавноста дали сегашните рецензии на овие наставници ги задоволуваат нормите за избор на вонредни професори кои се предвидени во Законот за високо образование“, се наведува во соопштението од Ректорот.
Ако сегашните доценти ги исполнуваат горенаведените услови за избор во вонредни професори, истакнува тој, како ректор јавно ќе се извини за направените грешки и ќе го разреши деканот на Економскиот факултет поради грешки во водењето на постапката за избор.
„Ако пак сегашните доценти не ги исполнуваат горенаведените услови согласно законот, само нека се повлечат од сегашната претстава за да го задржат достоинството, дигнитетот и угледот на УГД, на другите универзитети и на целото високо образование во Република Македонија“, се додава во соопштението.
На ваквите наводи реагираа штипските професори. Потсетуваат дека Државниот просветен инспекторат констатирал незаконско работење, а додаваат и дека Ректорот досега не преземал ништо и нехумано манипулирал со штрајкувачите.
„ Рецензентските реферати се контролирани од универзитетско тело во кое членуваат: проректор за наука, проректор за настава, генерален секретар на УГД, декан на Економски факултет и секретар на Економски факултет. Ова тело даде согласност дека Рецензетските комисии при изготвувањето на Рецензентските реферати целосно ги почитувале законските одредби при евалуацијата на нашите наставно-научни, научно-истражувачки и стручно-апликативни активности. Позитивното мислење на ова тело претставува виза Рефератите да бидат објавени во Универзитетски билтен. Почитуван Ректоре, во ова универзитетско тело влегуваат тројца редовни професори од УГД и двајца правници од УГД. Ректоре, зарем Вие го доведувате во прашање кредибилитетот на членовите кои Вие сте ги делигирале во ова тело?“, се наведува во отвореното писмо од професорите кои од него бараат веднаш да го реши проблемот и да се прифатат рефератите на рецензентските комисии.
Тројцата професори Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски штрајкуваат веќе 12 дена. Ним денеска им се придружија претседателите и секретарите на 23 регионални канцеларии на СОНК со што бројот на штрајкувачи со глад порасна на 49 лица.