Со заклучоците на Владата се врши силен притисок врз штрајкувачите, а тие не водат кон решавање на несогласувањето помеѓу Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, изјави денеска претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Прес-конференцијата на СОНК, доаѓа откако Советот расправал за вчерашните заклучоци кои ги донесе Владата, со кои, меѓудругото беше предложено платите во просветниот сектор да се зголемат за 10% со ребаланс на буџетот. Неделков посочи дека штрајкот ќе продолжи додека не се договорат со надлежните и додека не потпишат спогодба по спорните прашања.
Тој рече дека понудените 10% зголемување на платите се „бетонираат“ со заклучокот на Владата и дека не се остава простор за преговори по ова прашање, знаејќи дека, како што посочи, членовите на синдикатот со речиси 100% изјаснување пред неколку дена го отфрлија овој предлог.
„Советот на СОНК веднаш ќе го прекине штрајкот доколку Владата, како што вели, да се почитуваат законите, и тоа бараме ние како Совет на СОНК, до септември односно до изминување на 6 месеци од носење на минималната плата, истата да се усогласи со гранските колективни договори, како што е впрочем предвидено во законот за минимална плата, а за волја на вистината, до денешен ден ниту еднаш не е испочитуван овој закон“, дециден е Неделков.
Тој истовремено посочи дека се спори правото на штрајк, од аспект на запазување на законите и процедурата, односно според кој правен акт е организиран штрајкот и зошто е прекинат воспитно-образовниот процес. Оттука тој рече дека Советот на 29 март донел одлука за организирање на генерален штрајк, кој бил доставен до МОН и МТСП на 4 април.
„Известување до градоначалникот и директорот на установите се доставени на 31.3.2022. Тие документи ги имаме архивирани и доставени до сите споменати органи на управување. Така да, тоа се актите со кои што СОНК влегол во генерален штрајк и правовремено ги информирал надлежните. СОНК не чувствува никаква одговорност врз основа на кој акт е прекинат воспитно-образовниот процес во училиштата и градинките, од причина што нема таква надлежност и одговорот треба да се побара на друго место. Тоа значи дека СОНК не ја организира наставата и воспитно-образовниот процес“, рече Неделков.
Претседателот на СОНК, посочи дека Советот констатирал дека одредени министри, како што рече, се обидуваат упорно да ги заплашуваат штрајкувачите, односно дека ќе им бидат скратени дневниците во деновите на штрајк. Неделков рече дека тоа го сметаат за обид за спречување на штрајкот.
Тој истакна дека освен законското право на исплата на плата при штрајк, постојат и членови во колективните договори со кои се допрецизира исплаќањето дневници за време на штрајк, па според тоа, штрајкувачите не треба да се заплашуваат дека дневниците ќе им бидат скратени.
„Претходно прочитаното во однос на одредба од колективен договор се однесува за штрајк каде што се прекршени правата на работниците согласно колективен договор, тоа значи дека ние баравме и бараме усогласување на платите согласно закон за минимална плата, член 8, меѓутоа години наназад не е направено, зарем тоа не е кршење на закон“, запраша Неделков.
Во однос на заклучокот на Владата дека е формирана работна група за изготвување на колективен договор, Неделков вели дека тоа го наведува синдикатот на констатација дека се работи за општ колективен договор во јавниот сектор, што не било барање на СОНК.
Неделков посочи дека Советот на СОНК бара интензивирање на преговорите во коишто ќе има конструктивни предлози, но и што поскоро да се усогласат ставовите со МОН и МТСП. Конечниот договор ќе се регулира со спогодба со којшто ќе бидат опфатени сите точки од споменатите прашања меѓу двата социјални партнери, додаде тој.
Платите во просветниот сектор да се зголемат за 10% со ребаланс на буџетот, предложи Владата
Мартин Колоски