Синдикатот за образование, наука, култура (СОНК) продолжува со штрајкот во основните и средните училишта и просветарите ќе излезат на протести во среда и во петок, информираат оттаму.
На вчерашната седница на совет СОНК одлучиле во петок да се излезе на генерален протест на централно ниво, на кој ќе бидат повикани да се придружат сите граѓани, асоцијации, здруженија, пленуми, студенти, родители…
Генералниот секретар на СОНК, Весна Неделковска, изјави дека на седницата е направена анализа на состојбите со генералниот штрајк и се разгледале следните чекори кои ќе бидат преземени, во однос на радикализација на штрајкот.
Едногласно бил усвоен и предлогот во среда да се излезе на протест на локално ниво, во дваесетте региони каде СОНК има свои регионални одбори. Во среда ќе има протест и во Скопје, каде ќе се спојат одборите од Чаир, Бутел, Центар, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба. Локацијата на протестот се уште не е дефинирана и од СОНК велат дека ќе ја соопштат до утре.