Деветотто издание на „Сонот на облачето“ – интернационалниот детски фестивал на театар на сенки годинава ќе се одржи од 6 до 8 јуни во Младинскиот културен центар, а детската публика ќе има можност да погледне меѓународни претстави со сенки.
Фестивалот ќе се отвори на 6 јуни, понеделник со промоција на креативниот сет „Театарче за игра со сенки” со почеток во 19 часот, по што ќе следува претставата „Лавиринт“ на италијанскиот театар „Unterwasser“.
„Претставата е мултимедијална и со рачно изработени 3D скулптури чии сенки се проектирани на големото платно. ‘Лавиринт’ е приказна за погледот на светот низ очите на една жена, а сцени од нејзиниот живот се појавуваат како лирски фрагменти – визуелни поеми кои фрлаат светло на разни нејзини чувства и спомени“, велат организаторите, дополнувајќи дека претставата е инспирирана од делата на Марианџела Гуалтиери, Емили Дикинсон, Ети Хилесум, Вислава Шимборска и Лори Андерсон.
На 7 јуни, со почеток во 18 часот, ќе се одржи работилницата “Заробени реки” под водство на уметникот Доротеј Нешовски.
По работилницата, со почеток во 19 и 30 часот, ќе започне претставата „Заборавените принцези“ од српскиот театар „Le studio“ – интерактивна визуелна вртелешка од претстава каде се скриени сите приказни за непознатите, одамна заборавени принцези.
Денот ќе биде заокружен со изведбата на водниот перформанс “Флудо” на плато МКЦ во 20 и 15 часот од страна на Театар “Сенки и облаци”.
Последната фестивалска вечер на 8 јуни ќе започне во 18 часот со работилницата на Караѓоз мајсторот Џемал Фатих Полат од Турција, каде децата ќе имаат можност да ги применат традиционалните техники за изработка на Караѓоз кукли за сенки стари над 650 години.
Фестивалската вечер ќе биде заокружена со премиерната изведба на претставата „Колку е часот“ во 19 часот од страна на организаторот на фестивалот Театар “Сенки и облаци”.
Учеството на работилниците е бесплатно со задолжително претходно пријавување. Билетите се во продажба на билетарницата на МКЦ по цена од 250 денари, како и онлајн.