Сопругата на новинарот Томислав Кежаровски, кој и натаму останува во притвор поради напишан текст, Марина Кежаровска, излезе со отворено писмо до јавноста, во кое ги опишува годините на притисок и малтретирање на полицијата кон нивното семејството. Кежаровска се обрати до јавноста и ја запозна со драмата со која нивното семејство се соочувало со години:
„Не е првпат да ни дојде полиција на врата. Години наназад се соочуваме со ваков вид малтретирање. Нема да претерам ако ви кажам дека на секој 2-3 месеци доаѓаше полиција на врата. Го земаа во 2, 3, 4 часот наутро.
Добивав впечаток дека после секој негов текст што го пишуваше тие потоа доаѓаа. Не знам само колку пати има платено казни за клевета и навреда..
Паметам, еднаш на врата ни заѕвони полиција, за првпат да речам, во некое нормално време. Беше некаде околу 15 и 30 попладне. Маж ми сеуште не беше дојден од работа. На моето прашање зошто го бараат, некако добив впечаток дека и тие самите не знаат зошто се дојдени. Полицаецот онака поднасмеан ми рече:
„Онака да провериме дали живее тука“ ..и тоа беше се. Си заминаа. Значи седум, осум години се соочуваме со ова.
Потоа како да настапи некој помирен период од пет – шест месеци.
Некаде во ноември месец, минатата година, пак беше повикан во полициска станица. Го прашував зошто го викаат, а тој онака помалку зачуден на љубезноста на која наишол во полициската станица, ми раскажа дека го повикале за истово што го теретат и сега. Да каже од каде му е изворот.
На 14 април оваа година јас и не знаев дека скоро цело работно време бил повикан во обвинителството. Дома се врати толку нерасположен, што имав впечаток дека и ликот му беше променет. На мое долго инсистирање почна да ми раскажува, какви понижувања морал да ислуша. Истото и таму го барале од него, да го каже изворот за случајот Ореше.Значи на 14 април беше во обвинителство, за на 28 мај да го апсат онака, спектакуларно.
Замислете дворот ни беше преполн со специјалци во 6 часот наутро. Ништо не ни беше јасно што се случува, детето ми врескаше, Томче прашуваше зошто го прават тоа, а, јас го доживеав најголемиот шок во животот. Доживеавме шок од кој што , кој знае дали некогаш ќе се опоравиме. Целта била јасна, да го понижат и него и неговото семејство. Да биде апсен на таков начин како да е најголемиот криминалец.
Но, од него никогаш нема да направат тоа што посакуваат. Бидејќи ние сме едно чесно семејство и за роднините, за комшиите, пријателите. За сите нас тој останува чист како солза – светец. Стравуваме сега сите за неговата безбедност, за безбедноста на моето дете и за мојата. Она што во моментов не можеме да го поднесеме е тоа што тој психички не се чувствува добро. Се плашам за него уште колку ќе може да го поднесе ова, невин затворен за новинарски текст.
На крај сакам да ви се заблагодарам на сите вас колегите, што му давате толкава поддршка нему, а и нам“, пишува Кежаровска за Нова.
Ова обраќање до јавноста на Марина Кежаровска, сопруга на притворениот новинар Томислав Кежаровски заради напишан текст, доаѓа после повторното продолжување на притворот за уште 30 дена, од пред неколку дена и покрај апелите и критиките на влијателни медиумски и политички организации и институции да се укине притворот, во име на медиумските слободи и демократијата.